Дали обновливите извори на енергија се навистина толку скапи – и како енергетската транзиција ја менува нашата економија, работни места и секојдневие?

Дали обновливите извори на енергија се навистина толку скапи – и како енергетската транзиција ја менува нашата економија, работни места и секојдневие?

Дали некогаш сте помислиле дека поставување соларни панели на покривот од вашата куќа е луксуз што чини повеќе отколку плаќањето сметки за греење со јаглен или гас? Овој став е сè уште широко распространет во земјите од Западен Балкан. Но, во време кога цените на енергијата се сè понестабилни, а последиците од климатските промени сè поочигледни, преминот кон обновливи извори на енергија не е само еколошка потреба – туку и паметна економска одлука, и за домаќинствата и за државите.

Иако цените на електричната енергија во земјите од Западен Балкан сè уште се меѓу најниските во Европа, повеќе фактори укажуваат дека тие ќе растат во иднина. Зависноста од јаглен, застарените термоелектрани и потребата од усогласување со европските климатски политики значат дека се неизбежни нови трошоци. Воведувањето на даноци на јаглерод, како дел од европскиот механизам за тргување со емисии, ќе ја направи струјата произведена од јаглен уште поскапа.

Но термоелектраните не се само економски товар. Тие претставуваат сериозна закана за јавното здравје, не само во регионот, туку и пошироко во Европа. Загадувањето од согорување на јаглен е поврзано со илјадници предвремени смртни случаи и со појава на хронични заболувања, особено кај децата, постарите лица и другите ранливи групи. Се проценува дека трошоците за здравствена заштита поврзани со загадувањето од термоелектраните во Западен Балкан изнесуваат меѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно – трошок што индиректно го плаќа секој граѓанин.

Во тој контекст, прашањето не е дали обновливата енергија е скапа, туку дали можеме да си дозволиме да продолжиме со старите модели. Цените на топлинската и електричната енергија од обновливи извори стануваат сè поконкурентни. Соларната и ветерната енергија денес се меѓу најевтините извори на ново производство на струја, а технологиите за греење како топлинските пумпи сè повеќе се исплатливи и за домаќинствата во регионот. Граѓаните веќе имаат конкретни можности да го намалат својот енергетски трошок и истовремено да придонесат за енергетската транзиција. Преку програми за субвенции, домаќинствата можат да добијат значителна финансиска поддршка за инсталирање соларни панели, соларни колектори или топлински пумпи. Во Србија, на пример, државата покрива и до 65% од трошоците за вакви инвестиции. Дополнително, моделот на „просумери“ овозможува граѓаните не само да произведуваат струја за сопствени потреби, туку и да го продаваат вишокот, со што директно ги намалуваат сметките.

Сепак, енергетската транзиција не е само техничко или финансиско прашање – таа е и длабока општествена промена. Чест страв е дека декарбонизацијата значи губење на работни места, особено во земји како Македонија, каде што јагленот долго време бил столб на енергетскиот систем. Но овој страв не се темели на факти. Македонија има амбициозна цел – нула емисии на стакленички гасови до 2050 година и позиционирање како регионален лидер во обновливата енергија. Тоа подразбира постепено затворање на термоелектраните и вложување во соларни и ветерни капацитети. Но транзицијата не значи зголемување на невработеноста. Напротив, таа отвора можности за задржување на дел од постоечките работни места и создавање нови, „зелени“ работни места во енергетиката, градежништвото, индустријата и услугите. Во наредната деценија се очекуваат инвестиции од над 1 милијарда евра во секторот за обновлива енергија во Македонија. Тоа значи нови работни места за инженери, техничари, инсталатери, проектни менаџери, но и за лица со средно стручно образование. Младите можат да ја поддржат оваа транзиција преку избор на студии поврзани со зелена енергија, како и преку краткорочни курсеви и сертификации за соларни панели, енергетска ефикасност или одржување на ветерни турбини.

Паралелно со обновливите извори, енергетската ефикасност игра клучна улога. Таа значи постигнување исти или подобри услови за живот со помала потрошувачка на енергија. Придобивките се повеќекратни: помали сметки, помал увоз на енергија и помали емисии на стакленички гасови. Примерот на Косово јасно ја покажува важноста на енергетската ефикасност. Земјата и понатаму зависи од две застарени термоелектрани на лигнит кои произведуваат над 90% од струјата. Во комбинација со слаба изолација и широка употреба на струја за греење, ова ја прави економијата една од најенергетски интензивните во Европа. Само за сметки за енергија на јавните објекти, државата троши над 22 милиони евра годишно – трошок што би можел да се намали за 30% со едноставни мерки за енергетска ефикасност.

И на крај, често се поставува прашањето дали обновливата енергија е доволно сигурна за модерни, високоразвиени економии. Фактите зборуваат јасно. Во 2024 година, обновливите извори учествуваа со повеќе од 30% во светското производство на електрична енергија, а во ЕУ тој удел достигна речиси 47%. Земји како Данска веќе произведуваат околу 90% од својата електрична енергија од обновливи извори, додека Германија е цврсто на пат кон климатска неутралност.

Западен Балкан располага со значителен потенцијал – со околу 250 сончеви денови годишно и поволни услови за ветерна енергија. Проекциите до 2030 година покажуваат дека Северна Македонија може да достигне 58% обновливи извори во електроенергетскиот микс. Обновливата енергија не е мит, ниту луксуз. Таа е реална, достапна и неопходна. Прашањето не е дали можеме да си ја дозволиме, туку дали можеме да си дозволиме да не ја прифатиме.

Праведната транзиција започнува локално

Праведната транзиција започнува локално

Заедниците од регионите зависни од јаглен треба да го водат процесот на праведната енергетска транзиција во државата, а за да можат да го прават ова тие треба да бидат добро информирани, властите треба да имаат јасна комуникација за целите и плановите, а партнерскиот однос помеѓу сите засегнати чинители загарантиран.

Ова беа заклучоците од вчерашниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), кој се одржа во Скопје во организација на МКЦ Битола и Еко-свест. На настанот учествуваа претставници од релевантните министерства, од локалните економско-социјални совети, општини, синдикати, работодавачи, академската заедница и граѓански организации, со цел да се унапреди дијалогот за улогата на ЛЕСС во процесот на праведната енергетска транзиција.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја потврди силната определба на Министерството да работи транспарентно, инклузивно и во партнерство со сите засегнати страни во процесот на праведната енергетска транзиција.

„Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент. Не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени.“ изјави министерката Божиновска.

Претставниците од локалната самоуправа го потврдија значењето на дијалогот. Генералниот секретар на општина Битола Борче Димитровски истакна дека темата за праведна транзиција „не е иднина, туку сегашност“, посочувајќи ја специфичната улога на Општина Битола поради РЕК Битола. Тој ја нагласи потребата од инклузивен дијалог и конкретни чекори за успешно спроведување на енергетската транзиција, но и потребата од целосна децентрализација, особено во фискалниот дел за да можат општините да земат поактивна улога во енергетската транзиција.

Претставникот на Фондацијата „Олоф Палме“, Левенд Бичаку, ја истакна важноста на ЛЕСС како механизам за дијалог помеѓу работодавачите и работниците, нагласувајќи дека политичката волја е неопходен предуслов за успех.

Елена Николовска од Еко-свест се осврна на потребата од воспоставувањето и одржувањето на ЛЕССовите во општините како форум на заедницата кој ќе земе поактивно учество во носењето на локалните и централните политики.

Отворено писмо до RCC од граѓанските организации во регионот: сакаме транспарентен процес на Зелената Агенда за Западен Балкан

Отворено писмо до RCC од граѓанските организации во регионот: сакаме транспарентен процес на Зелената Агенда за Западен Балкан

Еко-свест беше дел од потписниците на отвореното писмо испратено до Регионалниот Совет за соработка и DG ENEST кое го потпишаа 50 граѓански организации од регионот. Преку писмото граѓанските организации побараа транспарентни процеси во спроведувањето на Зелената Агенда за Западен Балкан.

Се очекува ревидираниот Акциски план за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан да биде усвоен или одобрен на Самитот во Дубровник оваа недела, на 14 и 15 октомври. Успехот на Зелената агенда во голема мера зависи од јавната поддршка и учество. Но, и покрај повторените ветувања, не се одржани јавни консултации за Планот.

Писмото прочитајте го во целост тука.

Отворен повик за организации и мрежи од Западен Балкан

Отворен повик за организации и мрежи од Западен Балкан

The Regional Green Agenda Multiplier Support Programme нуди поддршка за организации и мрежи од Западен Балкан во износ до 15.000 или 25.000 евра.

Доколку вашата организација или мрежа работи во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија или Косово* и сакате да придонесете за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан во вашата економија, можете да аплицирате на овој повик до 17 септември 2025 година.

Преку проектот „Навигатор за зелената агенда“, Beogradska otvorena škola, заедно со регионалните партнери меѓу кои е и Еко-свест, ја спроведува оваа програма со цел подобрување на соработката, разбирањето и влијанието на организациите на граѓанското општество во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан.

Што нуди Програмата?

Проектите мора да бидат тематски усогласени со еден од трите клучни столба на Зелената агенда за Западен Балкан: декарбонизација (клима, енергија, мобилност), дезагадување (воздух, вода, почва) и биодиверзитет (заштита и реставрација на екосистемите). Вашата организација или мрежа ќе добие:

Финансиска поддршка: до 15.000 евра за организации на граѓанското општество и до 25.000 евра за формални и неформални мрежи на организации.

Програма за градење капацитети, вклучувајќи обуки и едукативни сесии за Зелената агенда за Западен Балкан.

Експертска и менторска поддршка.

Можности за придонес во национални, регионални или иницијативи за застапување на ниво на ЕУ, предводени од членови на конзорциумот на проектот „Зелена агенда навигатор“.

Како да аплицирате?

Сите заинтересирани кандидати се должни да присуствуваат на онлајн обуката за претселекција преку платформата Zoom. Задолжителната онлајн обука ќе се одржи на 4 септември во 10:00 часот по средноевропско време. Потребна е регистрација (тука), а по успешната регистрација, учесниците ќе добијат линк за пристап до обуката.

Апликациите се поднесуваат во две фази, првата е поднесување на концептна нота, т.е. кратка форма на англиски јазик во која се презентира идејата за проектот.

Зошто е ова важно?

Сите економии на Западен Балкан се погодени од загадувањето и климатските промени, а граѓаните плаќаат највисока цена. Оваа Програма за поддршка претставува не само можност за финансиска помош на граѓанското општество, кое треба да игра позначајна улога во процесите на донесување одлуки, туку и за едукација и зголемена видливост на организациите.

Доколку работите во една од областите на Зелената агенда и сте заинтересирани да ја започнете имплементацијата на вашата проектна идеја во ноември 2025 година, можете да најдете повеќе информации за Повикот и условите за аплицирање ТУКА.

Контакт

Доколку имате дополнителни прашања во врска со Отворениот повик, ве молиме обратете се на англиски јазик на: [email protected]. Прашањата мора да се достават најдоцна до 12 септември.

This Call is announced under the Green Agenda Navigator project, implemented by Belgrade Open School in cooperation with six regional partners: the Aarhus Centre Association in Bosnia and Herzegovina, Eco-Team from Montenegro, Eco-Z from Kosovo*, the Center for Environmental Research and Information Eko-Svest from North Macedonia, the Protection and Preservation of Natural Environment organization from Albania, and CEE Bankwatch Network as the EU-based partner. The project is co-funded by the European Union.

Отстранување на првата речна бариера во Македонија

Отстранување на првата речна бариера во Македонија

Првото отстранување на бариера се случува на Крива река во близина на Крива Паланка. Ова отстранување е дел од проектот „Повторно поврзување на реките во Македонија“, чија примарна цел е да се идентификуваат и отстранат застарените бариери во реките и да се зголеми поврзаноста на речните екосистеми во земјата.

Старата препрека на Крива Река е бетонска бариера која веќе не ја врши својата првична намена бидејќи е скршена. Бетонот сега го покрива речното корито и претставува бескорисна бариера во екосистемот, собирајќи седимент и ограничувајќи го движењето на рибите и другиот воден свет.

Во соработка со Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина, оваа бариера ќе биде физички отстранета од страна на Еко-свест, граѓанска организација која е посветена на обновување на речните екосистеми.

„Ова ќе биде првата речна препрека што ќе ја отстраниме, а во Еко-свест се надеваме дека набрзо ќе отстраниме уште една непотребна бариера на реката Пчиња “ – вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. „Сакаме да покажеме дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите. Дополнително, со оваа акција ја подигнуваме свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат “ – додава таа.

Македонија е позната по своите изобилни реки, но јавноста сè уште не е свесна колку овие реки се изменети и преградени со разни објекти и за различни цели. Во 2024 година,– Еко-свест идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се исто така нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно.

Сега, преку тековниот проект за отстранување бариери, поддржан од Open Rivers Programme, Еко-свест има цел да го претстави отстранувањето на браните како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето на бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe.

Отстранувањето на бариерата на Крива Река и на реката Пчиња планирано за подоцна оваа година ќе воспостави слободен тек на делница од вкупно 72 километри.