За потребите на своите проекти во доменот на енергетиката и активното граѓанство, Еко-свест има потреба од ангажирање на компанија за спроведување на 20 експертски интервјуа и анкета во општина Новаци.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА Целта на активноста е спроведување на: 1. 20 експертски интервјуа за идентификување на мислења, искуства и согледувања за тоа како родовите и социјалните прашања се земаат предвид во политиките за енергетска транзиција во земјата како дел од активностите на проектот GENERATE, и 2. репрезентативна анкета во општина Новаци за истражување на ставовите и подготвеноста на жителите за формирање и учество во енергетска заедница на ОИЕ, како дел од активностите на проектот HBS. Целта е да се обезбедат податоци кои ќе послужат како основа за понатамошна анализа, препораки и активности за праведна енергетска транзиција и граѓанско учество.
ЗАДАЧИ НА ИЗБРАНАТА КОМПАНИЈА :
Подготовка и планирање • Целосно запознавање со целите и протоколите на двата проектa; • Преглед и усогласување на учесниците, и методологија за анкета и регуртација на учесници; • Разработка на интерен временски план.
Идентификација и регрутација на интервјуирани • Идентификација на најмалку 20 релевантни експерти за интервјуа; • Осигурување родова и секторска застапеност; • Контактирање на испитаници и обезбедување согласност.
Спроведување на интервјуа, анонимизирање и обработка на податоци • Организација и реализација на 20 полуструктурирани интервјуа (во живо, по телефон или онлајн); • Обезбедување на аудио-снимање и етички услови; • Доследно анонимизирање на личните податоци преку доделување кодови (пр. MKD1, претставник од….; MKD2, претставник од…); • Изработка на транскрипти на сите 20 интервјуа (со стандардизиран почеток: име на интервјуист, датум, место, организација/институција на лицето кое ќе се интервјуира, работна позиција – пр. МКД1, претставник од ….).
Спроведување на репрезентативна анкета во општина Новаци • Организација и реализација на анкета врз репрезентативен примерок од населението во општина Новаци; • Консултации со тимот на Еко-свест за методологијата и формулирањето на прашалникот; • Сегментирање по демографски и социо-економски критериуми; • Анализа и презентација на резултатите.
Доставување необработени податоци • Доставување на транскрипти од сите интервјуа во електронска форма; • Доставување на ексел документ со сите влезни податоци од анкетата.
Чување на податоци за експертските интервјуа • Зачувување на аудиоснимките и транскриптите на безбедна платформа, во согласност со барањата на проектот; • Чување на копии од потпишаните форми за согласност и интервју-транскрипти најмалку 5 години.
Крајна достава • Доставување на 20 целосни и ревидирани транскрипти од експертските интервјуа, најдоцна до 30 јуни 2026 година; • Доставување на финален извештај за експертските интервјуа, кој ќе вклучи опис на процесот, профилите на учесници, идентификувани добри практики, предизвици и препораки; • Доставување на финален извештај од репрезентативната анкета за општина Новаци, кој ќе содржи методологија, обработени резултати и заклучоци, најдоцна до 30 октомври 2025 година; • Двата извештаи треба да бидат подготвени на македонски јазик и доставени во електронска форма.
ВРЕМЕНСКА РАМКА Периодот за спроведување на активностите е следниот: • За 20 експертски интервјуа: од август 2025 до април 2026 година, со предавање на сите 20 транскрипти и краток извештај најдоцна до 1 април 2026 година. • За репрезентативната анкета во општина Новаци: активноста треба да се реализира во периодот од август до октомври 2025 година, со предавање на финален извештај со резултати најдоцна до 30 октомври 2025 година.
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ При аплицирањето заинтересираните компании треба да достават : 1. Краток опис на компанијата, портфолио со претходно искуство и краток план за спроведување на активностите (не повеќе од 1 страна); 2. Тековна состојба не постара од 6 месеци; 3. Финансиска понуда (Анекс 1); 4. Пополнета изјава (Анекс 3).
Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест. Од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024 (за правни лица); pотврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериуме за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио
КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми: 1 . Активна компанија, здружение или фон дација формирано/а согласно Законите во С. Македонија, и постои најмалку 3 години.
2. Претходно искуство во подготовка, реализација и обработка на експертски интервјуа и анкети на репрезентативен примерок.
ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија го задржува правото да го извести само оној понудувач чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми: 1. Претходно искуство во спроведување на слични активности 70 бодови 2. Понудена цена за активноста 30 бодови Вкупно 100 бодови. Догвор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.
ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ
Комплетната понуда, апликатите треба да ја испратат на е-маил: [email protected] најдоцна до 25 јули 2025 година до 16:00 часот, со назнака Апликација за интервјуа и анкета – праведна енергетска транзиција. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.
Еко-свест ќе го контактира избраниот понудувач, не подоцна од 7 дена од истекот на периодот за доставување на понуда.
Нема праведна енергетска транзиција ниту без напуштање на производството и користењето на фосилни извори на енергија ниту пак без активно учество и згрижување на заедниците социјално и економски зависни на тие извори на енергија. За вработените во индустриите на јаглен најважно е да се најдат решенија што ќе им овозможат не само понатамошна егзистенција, туку и одржување на нивните секојдневни социјални практики. Токму ова беше тема на работилницата “Работникот во фокусот на праведната транзиција” што се одржа во Битола на 20 јуни 2025 година, организирана од МКЦ Битола во соработка со Локалниот економско-социјален совет на општина Битола (ЛЕСС), Еко-свест и Универзитетот од Манчестер преку проектот GENERATE. На работилницата, учесниците, меѓу кои имаше претставници од Општина Битола, РЕК, синдикатите, бизнис заедницата и граѓански организации, истакнаа дека соодветно и навремено информирање, како и активно учество во сите процеси кои ги засегаат работниците, нивните семејства и заедници од регионите со јаглен е клучен елемент на праведната енергетска транзиција.
Целта на настанот беше продлабочување на разбирањето за праведната енергетска транзиција и зајакнување на улогата на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) во овој процес. Иако најзасегнати, општините од регионите со јаглен се најмалку вклучени во носењето одлуки на централно ниво во процесите на енергетска трансформација. ЛЕСС-от како формално тело на општината кое има советодавна улога и каде учествуваа претставници на општината, локални бизниси, синдикати, универзитети и граѓански организации, може да биде начин како да се обезбеди активно учество на регионите со јаглен во земјата во носењето одлуки и изборот на проекти за финансирање на енергетската трансформација во земјата.
Работилницата започна со воведен збор на Мери Нашоку од Младинскиот Културен Центар во Битола, а потоа Емилија Сарафска, Советник во Општината за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија го водеше панелот во кој учествуваа Борче Димитровски, Секретар на Општина Битола, Игор Ѓерасов, претседател на Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) и Корина Зиеролд, советник за политики и раководител за координација на праведната транзиција во Европскиот синдикат за индустрија.
Димитровски зборуваше токму за начинот на поактивна вклученост на општината во овие процеси каде ЛЕСС-от има важна посредничка, советодавна и мобилизирачка улога, бидејќи самиот процес подразбира премин кон одржлива и климатски неутрална економија на начин кој ги штити социјалните права, го вклучува населението и овозможува локален развој. Оттука, ЛЕСС е важно тело во градењето на праведна транзиција на локално ниво. Неговата улога како посредник, советник и партнер му овозможува да биде мост меѓу граѓаните, институциите и економските чинители, вклучувајќи ги и работниците.
Ваквиот начин на соработка помеѓу општините од регионите со јаглен, синдикатите и владата е потребен и за да се обезбедат потребните финансии за овие региони кои треба да поминат низ процесите на енергетска трансформација односно постепено затворање на термоелектраните на јаглен. Корина Зиролд од Европскиот синдикат за индустрија даде неколку примери од земјите од ЕУ каде организирањето на работничките синдикати и организациите кои ги штитат нивните права било клучно за обезбедување на праведна транзиција.
Вториот дел од работилницата беше организиран од Еко-свест и Универзитетот во Манчестер којшто се состоеше од презентации и интерактивни дискусии. За многу од последиците од транзицијата воопшто не се зборува, како што објасни и Сашка Петрова од Универзитетот во Манчестер зборувајќи за психолошките и социо-економските влијанија врз вработените во секторот и нивните заедници. Преку примери на затворање на индустриите на јаглен објасни како овие процеси влијаат врз чувството на идентитет, припадност но и нормалното функционирање на индивидуата, нивните семејства и заедници во општество кое минува низ сериозна транзиција и поддршката која треба да им се обезбеди.
Еко-свест активно учествува во ревидирањето на Националниот план за енергија и клима, но не и во процесот на изработка на годишен план за имплементација на праведна транзиција од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на С.Македонија. Нормалното функционирање по транзицијата беше предмет на истражување и во социо-економската анализа на Битолскиот регион на која Еко-свест работеше во изминатиов период. Оваа анализа заклучи дека иако имаат разбирлив страв од процесите кои следат, локалните заедници гледаат огромен потенцијал за развој на регионот со прекугранична соработка со Р.Грција и преку мерки за самовработување и вработување во сектори како туризам и земјоделие. Соработката и информирањето сепак беа посочени како клучна алка на која мора повеќе да се работи за да се постави патот кон праведната транзиција.
Во 2024 година, хроничните неуспеси во спроведувањето на законот на владите на Западен Балкан дозволија загадувањето со сулфур диоксид (SO2) од застарените електрани на јаглен во регионот да ги надмине законските ограничувања за шест пати, според седмото издание на извештајот „Усогласи или затвори“ на Bankwatch. Загадувањето со прашина и азотни оксиди (NOx) од електраните на јаглен, исто така, продолжи да ги надминува законските ограничувања.
Седум години откако правилата за контрола на загадувањето стапија во сила според Договорот за Енергетска заедница, во 2024 година емисиите на сулфур диоксид од електраните на јаглен вклучени во Националните планови за намалување на емисиите на Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија сè уште беа колективно шест пати повисоки од дозволеното.
За прв пат, електраните на јаглен на Босна и Херцеговина беа највисоки емитери на SO2, со 212.840 тони – зголемување од претходната година и 11,3 пати повисоки од дозволеното. Следеше Србија, со 205.925 тони, или 4,6 пати повеќе од дозволеното.
На ниво на регионот, емисиите на SO2 се намалија само малку од 2018 година. А ограничувањата за емисии беа построги во 2024 година отколку во претходните години, што доведе до уште поголем јаз во усогласеноста. По петти пат од 2018 година, најголемиот индивидуален загадувач на SO2 во 2024 година беше Угљевик во Босна и Херцеговина, со 112.943 тони – дури и повеќе од претходната година. Нејзиниот оператор, подружница на Електропривреда Република Српска, потроши најмалку 85 милиони евра, финансирани од заем од Јапонската агенција за меѓународна соработка, за единица за десулфуризација, но призна дека не работи, делумно затоа што претставува „економски товар“.
Не помалку од шест единици низ регионот ги надминаа своите индивидуални горни граници за емисии на сулфур диоксид за повеќе од десет пати – Угљевик, Гацко, Тузла 6 и Какањ 7 во Босна и Херцеговина; Костолац А2 во Србија; и Битолски Б 1 и 2 во Северна Македонија.
Загадувањето со прашина од јагленските електрани во регионот беше речиси двојно повисоко од дозволеното во 2024 година (1,9 пати над ограничувањето). Емисиите малку се намалија од 2023 година, но останаа слични на нивоата од 2018 година.
Највисок емитер на прашина беше Гацко во Босна и Херцеговина. Испушти 3.339 тони – 13,7 пати повеќе од дозволеното. По протестите на локалното население, подобрувања беа објавени на есен 2023 година, но загадувањето на електраната во 2024 година беше уште поголемо од претходната година.
Загадувањето со азотни оксиди, исто така, достигна вкупно 1,4 пати повеќе од дозволеното во NERP-ите на земјите во 2024 година, во споредба со 1,3 пати во 2023 година. Босна и Херцеговина, Косово и Србија продолжија да ги прекршуваат своите ограничувања за NOx, при што Никола Тесла Б во Србија испушти најмногу – 12.418 тони. Покрај прекршувањата на NERP, на крајот од 2023 година истече рокот за затворање на најмалите и најстарите електрани според отстапувањето со ограничен доживотен период „одбивање“. Сите три земји во Западен Балкан со електрани на јаглен кои подлежат на ова правило – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија – сè уште го прекршуваат, бидејќи ниту една од електраните не е затворена.
Црногорската електрана Плевља работи нелегално од крајот на 2020 година, а во 2022 година ѝ се придружија Тузла 4 и Какањ 5 во Босна и Херцеговина и Морава во Србија. Централата Колубара А, исто така во Србија, исто така не престана да работи на крајот од 2023 година.
Секретаријатот на Енергетската заедница отвори неколку прекршочни случаи против земјите, но ниту една влада не изрече казни за предметните електрани на јаглен. Ниту пак имаат јасни, ажурирани и реални планови за усогласување и/или затворање.
Во рамки на напорите за инклузивна, праведна енергетска транзиција, на 12 мај се одржа првото Младинско граѓанско собрание за праведна транзиција во Студентскиот информативен центар (СИЦ) при УКЛО – Битола. Настанот беше организиран во соработка помеѓу Младинскиот културен центар – Битола, Центарот за истражување и информирање за животната средина – Еко-свест, и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Главна цел на настанот беше да се подигне свеста кај младите за праведната транзиција и да се вклучат во формулирањето на конкретни предлози за нискојаглероден развој на Битолскиот регион. Преку работни групи и отворена дискусија, младите идентификуваа и анализираа локални предизвици, но и потенцијали за подобрување на економската, инфраструктурната и социјалната слика на регионот.
Учесниците истакнаа дека Битолскиот регион располага со големо културно и природно наследство, како и со значаен ИКТ потенцијал, кој сè уште е недоволно искористен. Како еден од главните предизвици за развој беше посочена лошата патна и железничка инфраструктура. Дополнително, беше нагласена важноста на добрата прекугранична соработка, која може да се искористи за развој на бизниси во индустриските зони, како и нови работни места за младите.
Во насока на продлабочување на соработката меѓу образованието и пазарот на трудот, учесниците се согласија за потребата од воведување нови предмети и програми на УКЛО посветени на иновативни технологии – како што се пумпно-акумулациски хидроелектрани, термални системи за складирање енергија и биогасни електрани. Исто така, беше заклучено дека е неопходно редовно да се организира Младинското собрание на секои шест месеци, за да се обезбеди континуирано учество на младите во процесите на праведната енергетска транзиција.
Како следен чекор, младинските предлози ќе бидат презентирани пред Локалниот економски социјален совет (ЛЕСС) и пред Министерството за економија, со цел нивна натамошна разработка и институционална поддршка.
Настанот претставува важен чекор во процесот на праведна енергетска и општествена транзиција, во која младите не се само пасивни набљудувачи, туку активни двигатели на промени. Со јасна визија, идеи и ангажман, тие испраќаат порака дека иднината на Битола и поширокиот регион мора да се гради инклузивно, со поддршка од академската заедница, граѓанските организации и државните институции, поставувајќи темели за политики кои се фер, одржливи и насочени кон идните генерации.
Битола, мај 2025 – Со силна освестувачка и мотивиркачка порака, длабока емоција и освестување за важноста од личното постапување, Битола викендов го отвори „новото поглавје“ за својата иднина преку два инспиративни настани – премиерата на монодрамата „Не денес“ на актерот Марјан Георгиевски и настанот „Визија кафе“. Во преполна сала на Центарот за култура, преку единствениот лик публиката ја слушна реалноста што ја говори нашето срце и страшната вистина со кој што никој не сака да се соочи.
„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.
Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секоја поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.
„Битола е наш град, тука растат нашите деца, а ние забораваме дека имаме моќ да направиме промени. Секој збор, секоја постапка во правилна насока ќе ни донесе подобра иднина, но ние мора да се избориме за истата. Дијалогот меѓу „мене и моето срце“ е за да го разбудиме во нас „заспаното“, односно да се потсетиме „кои сме и колку можеме“, нагласи Георгиевски.
Истиот ден, во мезе бар „Јагода“, се одржа настанот „Визија кафе“, на кој што битолчани зборуваа за предизвиците на градот и предложија решенија за почиста, поздрава и поразвиена Битола.
„Сите се согласија дека еколошки чиста и економски развиена Битола е обврска како на институциите, така и на сите граѓани. Потребни се и идеи, поддршка и активни граѓани“, истакнаа од „Еко-свест“, Центарот кој ја спроведе иницијативата.
Двата настани се одржаа во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од „Еко-свест“ со финансиска поддршка од Шведска.
Најнови коментари