Еко-свест во консултации со широка група на засегнати страни подготви Патоказ за заштита на природата. Неговата намена е да постави насоки и да ги идентификува приоритетните активности во секторот природа, да биде поддршка за креаторите на политики, државните институции, локалните власти, управителите со заштитени подрачја, како и граѓанските организации, со цел преземање на синхронизирана и заедничка акција за подобра заштита на нашата најголема вредност- природата.
Зборувавме со Симона Трајковска, проектен координатор за природа во Еко-свест и авторка на предлог патоказот за значењето на овој документ и можностите кои ги нуди.
Што значи патоказ за заштита на природата и кому треба да му даде насока?
Во нашата земја, природата и природните богатства треба да уживаат посебна заштита како општо добро од кое зависат сегашните, но и идните генерации. Во оваа насока, Патоказот за заштита на природата предлага активности и мерки кои треба да ја подобрат состојбата во природата, да ја зајакнат нејзината институционална и практична заштита. Патоказот е резултат на низа дискусии и средби со засегнатите чинители кои предложија решенија што се неопходни да бидат спроведени што поскоро за да спречиме понатамошно уништување на природата, екосистемите, дивите видови и нивните живеалишта. Тие се надоврзуваат на постоечката правна рамка и стратешки приоритети за заштита на природата на нашата земја и може да ја олесни работата на институциите, управителите со заштитените подрачја, екологистите, заштитарите, локалните власти, граѓанските организации, но и на сите оние кои сакаат да преземат чекори и да ја заштитат природата.
Кои се клучните предизвици кои стојат на нашиот пат за подобра заштита на природата?
Природата во нашата земја е под закана од разни инфраструктурни проекти кои влијаат врз загубата на биодиверзитетот и природните живеалишта на видовите. Заштитата на природата не е приоритет во државните политики кои се фокусирани на економскиот развој и кои природата ја третираат како ресурс за искористување, дури и во веќе воспоставените заштитени подрачја. Нашата цел е да ја истакнеме заштитата на природата како мултисекторска област која треба да биде приоритет во политиките кои имаат директно влијание врз деградацијата на пределите, живеалиштата и екосистемите. За жал, граѓаните имаат ниско познавање за значењето на заштитата на природата, како таа придонесува кон обезбедување на квалитетна животна средина, за можностите за економски развој кои не се во конфликт со природата и за придонесот на природата кон јавното здравје. Неопходно е да ги заштитиме живеалиштата и видовите од европско и меѓународно значење како што се Натура 2000 и Емералд подрачјата и во целост да ги имплементираме меѓународните конвенции. Нашиот фокус мора да биде и кон заштитените подрачја кои работат без квалификуван кадар и финансиски се зависни од странски донатори.
Кои се приоритетните обасти на кои треба да се работи и кој треба да помогне? Каде лежи одговорноста?
Преку Патоказот утврдивме три приоритетни области за заштита на природата, и тоа усогласување на законската рамка од различни сектори, хармонизирање со ЕУ законодавство и меѓународните договори, примена на меѓународните конвенции, зајакнување на административната и институционалната рамка и капацитети, како и воспоставување на систем за одржливо финансирање на заштитата на животната средина. Особено е важно да се формира самостојно, стручно и научно тело, кое ќе биде надлежно за следење, истражување, анализа и унапредување на заштитата на природата и управувањето со природните ресурси како што е Агенција или Завод за заштита на природата по примерот на сите земји во Европа. Но, за да се оствари сето ова, потребно е да се воспостави систем за одржливо финансирање на заштитата на природата и зголемување на изворите на финансиски средства и да се воспостави Фонд за животна средина.
Ги имаме ли потребните ресурси за да ги оствариме овие цели и како да ги озбезбедиме, ако ни недостасуваат?
Сите приоритети за заштита на природата можат да бидат остварени со соодветно планирање на буџетски средства кои би се обезбедиле од разни надоместоци, како што се оние за управување со водите, надомести за штети врз екосистемите во заштитените подрачја, како и преку компензаторски мерки заради ублажување на деградирани површини во природата. Во оваа насока, најважен извор на финансирање можат да бидат екосистемските услуги за користење на природните ресурси. Патоказот предлага мапирање на економската вредност на природните ресурси во заштитените подрачја и поттикнување на механизмот на самоодржливо финансирање, воведување на даночни олеснувања и субвенции за услуги и производи од природата.
Биодиверзитетот, квалитетот на медиумите, пред се водата и промената на користењето на земјиштето, преку намалувањето на природните живеалишта се идентификувани како три компоненти од нашата планета што имаат достигнато критична точка на оштетување. Доколку не се делува решително и со сите расположливи средства ќе се соочиме со неповратни загуби и целосна промена на начинот на кој што функционираме. Тоа ќе влијае на достапноста и квалитетот на храната, воздухот и водата, од кои зависиме ние и сите видови во природата.
Железото се кова додека е жешко, а љубителите и заштитниците на придодата се градат уште од младост. Токму тоа изминатиот период локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани го прави преку низа едукативни активности наменети за младите и најмладите.
1. Заедно со Националниот Парк Галичица организиравме едукативна тура во природа со ученици од ООУ Страшо Пинџур Вевчани со прошетка низ Споменикот на природата Вевчански извори во која учеа бонтон во природа и како се чуваат заштитени подрачја. Учениците собираа растенија и надгледуваа животински видови кои ги среќаваа во прошетката.
2. Во соработка со Детската градинка „Планински цвет“ организиравме прошетка во природа. Со дечињата заедно зборувавме за животните и растенијата во нашата околина. Учевме за важноста на водата, зошто треба да се внимава ѓубрето да не завршува во неа и како ја чуваме реката.
3. Креативните ученици од ООУ Страшо Пинџур Вевчани и уметникот Горан Ристовски исцртаа мурал во училишниот двор, со кој на своите врсници но и останатите жители и посетители на Вевчани сакаат да им укажат за значењето на водата и природните вредности.
Целта на сите овие активности е едукација од мали нозе со цел подигање на свесноста зошто ни е важна животната средина и зошто мора да ја штитиме.
И од досега виденото, можеме да се пофалиме дека во младите генерации природата ќе има многу сојузници и борци кои ќе ѝ помагаат.
Сето ова е само мал дел од работата на Еко-свест во Вевчани преку локалната канцеларија. За следниот период се планира и изработка на трајна поставка за природата во Мултикултурниот центар во Вевчани, поставување на информативни табли и знаци во Споменикот на природата „Вевчански извори“, бележење на велосипедски патеки, промоција на заштитеното подрачје преку онлајн кампања и многу други.
Овие активности се дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природата „Вевчански извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust- PONT. Како дел од овој проект Еко свест во 2022 ја отвори својата локална канцеларија во Вевчани и претставува продолжување на заложбите на Еко свест зачувување и одржливо управување на Споменикот на природа „Вевчански извори“.
Претставници на Еко-свест заедно со тимот на Ал Џезеира Балкан ја посетија Демиркаписката клисура. Погледнете кои се потенцијалите но и новите ризици кои надвиснуваат над оваа прекрасна природа.
Имаме решение како да ја заштитиме клисурата и реката Вардар со нејзините притоки! Еко-свест, во соработка со општината Демир Капија започна иницијатива за репрогласување на Демиркаписката клисура како заштитено подрачје.
Иницијативата е во соработка со The Nature Conservancy и пет други организации од регионот кои преку мрежата Заедно за реките (Zajedno za rijeke / United for Rivers ) имаат за цел да заштитат 400 километри на реки низ Југоисточна Европа.
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест” од Скопје, во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени’’ финансиран од владата на Шведска преку Swedish International Development Cooperation Agency (SIDA), а спроведуван од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје, Македонското здружение на млади правници и ЦНВП-Македонија има потреба од ангажирање на обучувач за антикорупциски мерки и политики.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Цел на активноста е да се спроведе обука од два дела за антикорупциски мерки и политики.
ЗАДАЧИ НА ОБУЧУВАЧОТ
Избраниот кандидат треба:
Да подготви методологија, презентација и вежби за антикорупциски мерки и политики.
Да достави план за спроведување на обуката.
Во првиот дел да спроведе двочасовна обука на онлајн платформа за 35 учесници, а во вториот дел да спроведе тричасовна обука со физичко присуство за 15 учесници.
Да подготви извештај за спроведената обука и препораки за спроведување.
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Биографија (CV) со детален опис за нивното поле на експертиза.
Список на теми кои би се опфатиле со обуката и предлог агенда на обуката.
Цена на чинење на услугата во МКД (бруто износ со вклучен персонален данок).
КРИТЕРИУМИ ЗА КАНДИДАТИТЕ
Најмалку 5 години професионално работно искуство во релевантна област.
Најмалку 3 (три) претходно спроведени обуки за антикорупциски мерки и политики.
Одлични комуникациски/презентациски вештини.
ВРЕМЕНСКА РАМКА И ЛОКАЦИЈА
Обуката во двата дела треба да биде спроведена во месец мај 2023 година во простории на Еко-свест и онлајн.
ОЦЕНКА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија ќе го извести само оној кандидат чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
Претходно искуство во спроведувањето на слични активности и предложена методологија- 70 бодови
Понудена цена за активноста- 30 бодови
Вкупно 100 бодови.
Договор ќе биде склучен со оној кандидат кој ќе добие најголем број бодови.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Кандидатот треба да ја испрати комплетната понуда на еmail: [email protected]најдоцна до 07 мај 2023 г.,со назнака „Пријава за обучувач – антикорупција“. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.
Повеќе информации можете да добиете на тел. 02 3217 247.
Државата со голем потенцијал за обновливи на безбедни локации
Во 2021 година, The Nature Conservancy иницираше партнерски проект за идентификување на можностите за забрзување на развојот на проекти за обновливи извори на енергија во Северна Македонија. За таа цел, The Nature Conservancy воспостави партнерство со МАНУ и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ за спроведување на заеднички проект.
Целта на проектот е да идентификува најдобри локации за изградба на проекти за искористување на обновливи извори на енергија (соларна и ветерна) кои ќе немаат негативно влијание врз земјоделството, природните вредности, животната средина и локалните заедници.
Фаза I од проектот Истражување на можностите за енергетски решенија со ниско негативно влијание врз животната средина во Северна Македонија имаше цел да воспостави основа за достапноста на податоците, ставовите на засегнатите страни и влезните точки и бариери на правната регулатива.
Во прилог на овој допис Ви ги доставуваме резултатите од првата фаза на проектот.
Фаза II од проектот ќе ги зголеми активностите за мапирање на земјиште погодно за развој на соларна и ветерна енергија, со фокус на индустриски локации и неквалитетно земјоделско земјиште.
За потребите на проектот во рамки на втората фаза се оформи Советодавен одбор од владини институции и донатори. Целта на овој одбор е да го дискутира наодите од истражувањето и да пронајде најдобри начини истите да се искористат во планирањето на енергетскиот сектор и да се промовираат.
Првиот состанок на советодавното тело се одржа оваа недела. Учесници од министерствата и владата, како и од државните компании за производство и дистриуција на електрична енергија како и донатори ја изразија поддршката на проектот и на досегашните резултати. Тие забележаа дека резултатите се корисни и треба да се интегираат во стратешкото планирање но и да се промовираат широко со цел сите институции и сите потенцијали инвеститори да го имаат овие информации пред секоја планирана инвестиција во земјата.
Истражувањето спроведено до сега покажува дека земјата има потенцијал да инсталира над 10 000 MW соларни централи на земјиште кое не се користи за земјоделски активности и на локации безбедни за природата и дивит свет. Ова во суштина значи дека при енергетското планирање не треба воопшто да се разгледуваат локации кои би можеле некако да му наштетат на дивиот свет или земјоделското земјиште, ниту пак има потреба од пренамена на земјоделското земјиште во градежно бидејќи постојат доволно локации за безбеден развој на фотоволтаичните централи.
Истражувањето од страна на МАНУ ќе биде официјално објавено во мај 2023 година со детални карти со сите локации подобни за развој на ветерна и соларна енергија. Советодавниот одбор ќе заседава пред завршување на анализата со цел да даде дополнителни коментари и забелешки.
Најнови коментари