Меѓународен ден на акција за реките

Меѓународен ден на акција за реките

Нема подобар повод да се потсетиме колку се важни реките од денешниот меѓународен Ден на акција за реките, 14 март.

Еко-свест повеќе од 20 години се бори за животната средина и од неодамна има своја програма за заштита на водите.

Нашата земја има прекрасни и чисти реки, но и такви на кои им се заканува загадување и уништување.

Нашата цел е правна и практична заштита на речните екосистеми, од ни зависните живеалишта и биодиверзитет како и локалните заедници и претворање на реките во „оски“ на локален економски одржлив развој.

Еко-свест работи на остварување на оваа цел преку проекти со кои изработув законски и подзаконски решенија, остварува соработка со локалните заедници и со сите засегнати луѓе, институции и организации и разработува нови методи за елиминирање на заканите врз реките, во три региони во државата: Маврово, Шар Планина, Демир Капија и Пчиња.

По повод денот на акција за реките апелираме до сите за зголемување на грижата за нашите реки преку виртуелна мини изложба од фотографиите кои ни ги испратија граѓаните. Погледнете кои се нивните омилени реки:

Меѓународен ден на акција за реките

Повик за изработка на анализа на на социо-економското влијание на препреките на сливот на реката Пчиња

Опис на услугата

Основни информации

Како резултат на човековата активност, односно изградбата на препреки, брани и други инфраструктурни градби, реките во Македонија страдаат од фрагментација која што има негативно влијание врз хидрологијата на реките, морфологијата, екосистемите, вклучително и рибите и останатите водните видови како и нивните живеалишта. Целта на овој проект е да се развие методологија за идентификување на најсоодветните препреки за отстранување, со цел повторно да се поврзат речните системи и да се подобри нивното еколошко здравје. Проектот ќе се фокусира на сливот на реката Пчиња и ќе вклучува мултидисциплинарен тим на експерти.
Проектот ќе се реализира во три фази. Во првата фаза ќе биде подготвена методологија за идентификација и приоретизација на бариерите за отстранување. Во следната фаза, експертите ќе направат теренска работа во областа на истражувањето со цел да се процени влијанието на бариерите врз животната средина, биолошката разновидност, социо-економската важност и нивниот правен статус. Во последната фаза на проектот, експертите ќе обезбедат систематска класификација на влијанието на бариерите и приоритетите за отстранување.
Прелиминарно истражување за сливот на реката Пчиња веќе беше завршено од страна на партнерот на проектот Геобалканика. Истражувањето вклучува хидролошки податоци за сите реки и потоци на сливот, преглед на препреките и бариерите како и други статистички податоци. Ова прелиминарно истражување ќе биде достапно за експертите како појдовна основа за нивното понатамошно истражување. Секундарните податоци за сливот на реката Пчиња достапни од хидрометеоролошкиот институт, дозволите за риболов и другите достапни документи исто така ќе се користат за целите на проектот.
Целите на овој проект се:

  • да се процени хидрологијата на сливот на реката Пчиња;
  • да се идентификуваат локациите и статусот на препреките (слаповите и другите бариери) кои го фрагментираат речниот тек;
  • да се процени влијанието на препреките врз водните видови и нивните живеалишта;
  • Да се развие методологија за избор на препреки за отстранување со цел да се подобри поврзаноста на реката и еколошкото здравје;
  • Да се создаде база на податоци на препреки заснована врз развиената методологија;
  • Да се дадат препораки за приоритетни бариери за отстранување.

Цели и обем на работа

Експертот ќе биде одговорен да ја спроведе задачата „Анализа на социо-економското влијание на препреките на сливот на реката Пчиња“. Целта на оваа анализа е да се идентификуваат препреките, бариерите и рибниците кои не се во употреба и би можеле да бидат отстранети со цел да се подобри поврзаноста на реката и нејзиното еколошко здравје. Анализата треба да содржи кратко резиме на социо-економското влијание на реката врз регионот, како и основна демографија и употребата на вода од реките во сливот на Пчиња од страна на локалното население, локалните правни субјекти и останатите локални чинители. Понатаму, експертот ќе треба го идентификува/процени влијанието на препреките, бариерите и рибниците врз социо-економските активности преку комуникација со локалните чинители, вклучително и локална самоуправа, жителите, риболовните организации, земјоделските заедници, спортски здруженија, промотори на еко-туризам и сите оние кои ја употребуваат реката и може да бидат засегнати од отстранување на препреките. Врз база на спроведените активности во анализата ќе бидат идентификувани препреките, бариерите и рибниците кои не се во употреба и би можеле да бидат отстранети без поголемо нарушување на социо-економскиот баланс.

Експертот треба да ги спроведе следните активности:

  1. Да изработи анализа на социо-економското влијание на препреките, бариерите и рибниците на сливот на реката Пчиња која ќе биде помеѓу 20-30 страни на македонски јазик.
  2. Да направи теренски истражувања за добивање на информации од локална самоуправа, жителите, риболовните организации, земјоделските заедници, спортски здруженија, промотори на еко-туризам и сите оние кои ја употребуваат реката и може да бидат засегнати од отстранување на препреките.
  3. Да го користи прелиминарно истражување за сливот на реката Пчиња изработено од партнерот на проектот Геобалканика, како и секундарните податоци достапни од хидрометеоролошкиот институт, дозволите за риболов и другите достапни публикувани и официјални податоци и литература.
  4. Да изработи листа на препреките со податоци за нивното социо-економско влијание и нивната употреба од стана на локалните чинители
  5. Да изработи методологија на бодување, односно квантификација на влијанието со бодови (од 1-5) и да ја примени оваа методологија на секоја од препреките.
  6. Да изработи препораки за препреки, бариери и рибници кои би можеле да се отстранат.
  7. Да учествува на заеднички работен состанок со останатите експерти на проектот (хидролог, географ, ГИС, биолози и правен експерт) со цел утврдување на финалните препораки.
  8. Да поднесе табели за евиденција на работни денови за овој проект до Еко-свест.

Временска рамка

Избраниот експерт ќе има период од 2 месеци од времето на потпишување на договорот за изработка на анализата, вклучувајќи ги и теренските посети.

Буџет

Максималниот буџетот достапен за извршување на горенаведените задачи изнесува 132.000 МКД бруто износ.

Потребни квалификации

Експертот треба да ги исполнува следните квалификации:
• Најмалку 3 (претходно) изработени анализи и/или трудови/активности во бараната област
• Развиени истражувачки и аналитички способности;
• Одлични комуникациски способности.

Постапка и правила за пријавување, рок и избор

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите треба да достават кратка биографија(CV) и финансиска понуда (бруто износ во МКД со вклучен персонален данок на доход), со прилог примерок или референтна листа од најмалку 3 подготвени анализи, истражувања, прирачници, програми и слично. Документите треба да се достават во електронска верзија на е-пошта до [email protected]: со назнака – Апликација за анализа на социо-економското влијание на препреките на сливот на реката Пчиња до 20 март 2023г.

Надзор на проектот, контрола на квалитет и детали за контакт

Контакт лице за проектот е Ѓорѓи Митревски, [email protected], 071 232 103.

Повторно оживување на реките во Македонија

Повторно оживување на реките во Македонија

Реките и живиот свет во и околу нив не познаваат административни граници, ниту ги разбираат бариерите кои им ги поставуваме на патот, честопати и без некоја посебна причина. Водотеците така постепено се сведуваат на базени со вода, а без живот.

Каскадите кои се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за формирање рибници се едни од тие пречки. Тие го оневозможуваат природното движење, го отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.

Дали се тие навистина потребни и доколку не, како можат да се отстранат? Ова е прашањето кое Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест ќе го одговори преку теренски и други детални истражувања во сливот на реката Пчиња.

Ќе ги проценуваме каскадите и нивните влијанија врз животната средина, влијанија врз биодиверзитетот, социо-економско значење и правен статус. Сите собраните податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување.

Однапред програмиран симулатор ќе овозможи проценка на должината на речната поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот како резултат на нивното отстранување, што на крајот ќе овозможи приоритизирање на каскадите што треба да се отстранат за да се постигне најголема можна поврзаност и на најзначајното позитивно влијание врз екосистемот.

„Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени во случајот со реката Пчиња понатаму ќе се користат на национално ниво за сите речни сливови во земјата.Базата на податоци може дополнително да се пополни со податоци од други речни сливови и ќе служи за идните проекти поврзани со реставрација на реките“, изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедници од Еко-свест.

„Овој проект е прв проект поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките.

Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични иницијативи посветени за реставрација на реките“. Додаде Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Целта е да се развие национално применлива методологија и база на податоци со симулатор за идентификација на приоритетни бариери за отстранување со користење на сливот на реката Пчиња како студија на случај.

Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението Геобалканика со поддршка на Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на обновувањето на реките.

Финансирањето од програмата Отворени реки е 67.200,00 евра (шеесет и седум илјади и двеста евра) за 12 месеци.

На крајот од проектот ќе биде изготвена научна студија која ќе ја постави основата за слични студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата ќе се користи и како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми.

За повеќе информации, Ве молиме контактирајте со:

Ана Чоловиќ Лешоска

+38972726104

[email protected]

Енергетскиот развој не смее да биде на штета на природата!

Енергетскиот развој не смее да биде на штета на природата!

Зголемената потреба од производствени капацитети од обновливи извори на енергија неизбежно ќе доведе до искористување на големи површини на земјиште, но, со оглед на тоа што целта на овие проекти е да се намали загадувањето и негативното влијание врз животната средина, ваквите проекти треба да се планираат внимателно. Ова значи дека предложените проекти што би се преклопуваат со териториите на заштитените подрачја и вредни природни реткости треба да се отфрлат уште во најрана фаза на планирање. Со тоа, можноста за штета се сведува на минимум- се заштедува време и ресурси при планирањето, а со тоа и проектите стануваат поисплатливи и побезбедни.

Во периодот од јануари до февруари 2023, Министерството за транспорт и врски спроведува јавни консултации во врска со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење односно површински соларни и фотоволтаични електрани на површина од 734,63 ха на територијата на Општина Штип. Голем дел од оваа површина се преклопува со подрачјето Долна Брегалница кое изобилува со природни вредности и е предложено за заштита согласно Законот за заштита на природа, Емералд подрачје согласно Конвенцијата за заштита на дивите видови и живеалишта во Европа (Бернска конвенција), и идно Натура 2000 подрачје согласно Директивата за живеалишта на ЕУ. Ваквата планска документација е спротивна на целите на намалувањето на влијанијата врз животната средина и штетите врз природата. Ова е особено значајно бидејќи живеалиштата кои што се предложени за заштита во тој предел се карактеризираат со ниска вегетација и специфични типови на солени почви кои што се значајни за заштита на Европскиот континент, а кои што при спроведување на активностите од планската документација ќе бидат целосно деградирани, и ќе предизвикаат влијанија кои што е многу тешко да се избегнат со какви било мерки за ублажување. Дополнително, спроведувањето на планската документација ќе предизвика прекршување на меѓународните обврски на Република Северна Македонија и нарушување на процесот на пристапување кон ЕУ.

Планираната локацијата содржи природни вредности кои што треба да се зачуваат, а спроведувањето на овој проект ќе нанесе неповратна штета. Поради овие аспекти, нашата препорака е дека овој проект не треба да се спроведе на оваа локација, но во интерес на зголемување на уделот на обновливи извори на енергија во енергетскиот систем, може да се разгледува негово спроведување на некое од веќе деградираните локации низ земјата.

Еко-свест има подготвено Принципи за паметно енергетско планирање, во кои е нагласено дека инвестициите во обновливи извори на енергија треба да биде приоритет, но не по цена на уништување на природните ресурси и загуба на екосистемите. Препораките за паметно енергетско планирање вклучуваат деградирани земјишта како локации за развивање на нови енергетски проекти од обновливи извори на енергија и избегнување на локации во заштитени подрачја бидејќи со тоа се нарушува примарната улога во обезбедување на нивна заштита.

Еко-свест во соработка со МАНУ подготви Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија која може да биде од значење за планираниот проектен опфат. Во Студијата се идентификувани 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од обновливи извори на енергија, а кои не се наоѓаат во заштитено подрачје од национално или меѓународно значење како што се Емералд подрачјата или идни Натура 2000,  национален парк или подрачје на заштитени птици или растенија.

Еко-свест подготви коментари и забелешки во врска со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за група на класа на намена е-Инфраструктура, е1.13-површински соларни и фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци, општина Штип, (над 10 mw), предлог план, поднесени до Министерство за транспорт и врски на 24.02.2023.

Извор на фотографија: Стратегија за биолошка разновидност со акциски план на Република Македонија

Листа на доделени грантови согласно повиците за доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“

Листа на доделени грантови согласно повиците за доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“

По однос на завршените повици за доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ објавени во ноември 2022 година, во периодот од февруари 2023 година до април 2024 година ќе бидат реализирани следните проекти. Избраните проекти опфаќаат различни региони во државата и различни локални потреби во секторот климатски промени. Во следниот период ќе биде објавен уште еден повик за дополнителни ад-хок грантови.

Доделени ад-хок грантови:

  • Здружение на производители на органски производи „Аронија“ Делчево – „Произведи храна во склад со природата и допринесувај во справување со климатските промени“
  • Центар за одржливи иницијативи – „Избираме вело-општина – избираме климатска акција“
  • Здружение за одржливо управување со природните ресурси НАТУРА ПРЕСПА Претор, Ресен – „Постигнување на неутралност на деградација на земјиштето и климатските влијанија на територијата на биосферен резерват Охрид – Преспа“
  • Аналитика Скопје – „Енегетска сиромаштија на агендата“

Доделени акциски грантови:

  • Македонска Соларна Асоцијација, Солар Македонија – „Енергетско ефикасни практики како решение за климатски промени“
  • Македонско еколошко друштво – „Воспоставување зелена комуна како модел за одржливо користење на ресурсите, зачувување на биодиверзитетот и намалување на влијанието на климатските промени во регионот на Илинска-Плакенска Планина“
  • Центар за Климатски Промени – „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“
  • Здружение за еколошко оддржлив развој Зелен Институт – „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“

Доделени институционални грантови:

  • Рурална Коалиција Кичево – „Локални партнерства за локални климатски акции“
  • Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин Скопје – „Младите за климатска акција и одржлив транспорт“
  • Здружение за слободен развој на мислата САКАМ ДА КАЖАМ – „САКАМ ЗЕЛЕНО – ДОПИСНА МРЕЖА“
  • Здружение Центар за одржлив развој на заедницата Дебар – „Младински Центар за климатски промени“
  • Центар за одржлив развој АЛКА – „Зелен раст и одржлив развој“
  • Здружение на граѓани – Ромаверзитас – „За поздрав и поурбан живот на Ромите“
  • Организирана Асоцијација на Младите – „Еко иднина за Гостивар“