Отворен повик за ангажирање на компанија за спроведување на анкета врз репрезентативен примерок

Отворен повик за ангажирање на компанија за спроведување на анкета врз репрезентативен примерок

За потребите на своите проекти во доменот на заштитата на водите, Еко-свест има потреба од ангажирање на компанија за спроведување на анкета со репрезентативен примерок на ниво на целата држава.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА


Целта на активноста е спроведување на репрезентативна анкета на ниво на целата држава за истражување на ставовите на граѓаните за отстранување на непотребни речни препреки, како дел од проектот со Dam Removal Europe.

Целта е да се обезбедат податоци кои ќе послужат како основа за понатамошна анализа, препораки и активности за заштита на водите и природата, како и за зголемено граѓанско учество.

ЗАДАЧИ НА ИЗБРАНАТА КОМПАНИЈА :

  1. Подготовка и планирање
    • Целосно запознавање со целта и протоколите на проектот;
    • Преглед и усогласување на учесниците, и методологија за анкета и регуртација на учесници;
    • Разработка на интерен временски план.
  2. Спроведување на репрезентативна анкета на ниво на целата држава
    • Организација и реализација на анкета врз репрезентативен примерок од населението во Македонија;
    • Консултации со тимот на Еко-свест за методологијата и формулирањето на прашалникот;
    • Сегментирање по демографски и социо-економски критериуми;
    • Анализа и презентација на резултатите.
  3. Доставување необработени податоци
    • Доставување на ексел документ со сите влезни податоци од анкетата.
  4. Крајна достава
    • Доставување на финален извештај од репрезентативната анкета на ниво на целата држава, кој ќе содржи методологија, обработени резултати и заклучоци, најдоцна до 24 октомври 2025 година;
    • Извештајот треба да биде подготвен на македонски јазик и доставен во електронска форма.

ВРЕМЕНСКА РАМКА

Периодот за спроведување на активностите е следниот:
• Репрезентативната анкета на ниво на целата држава треба да се реализира во периодот од септември до октомври 2025 година, со предавање на финален извештај со резултати најдоцна до 24 октомври 2025 година.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ


При пријавувањето, заинтересираните компании треба да достават :
1. Краток опис на компанијата, портфолио со претходно искуство и краток план за спроведување на активностите (не повеќе од 1 страна);
2. Тековна состојба не постара од 6 месеци;
3. Финансиска понуда (Анекс 1);
4. Пополнета изјава (Анекс 3).

Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.

Од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024 (за правни лица); pотврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериуме за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Компанијата која се пријавува мора да ги исполнува следниве критериуми:
1 . Активна компанија, здружение или фондација формирано/а согласно Законите во С. Македонија, и постои најмалку 3 години.

2. Претходно искуство во подготовка, реализација и обработка на анкети на репрезентативен примерок.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

Евалуационата комисија го задржува правото да го извести само оној понудувач чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
1. Претходно искуство во спроведување на слични активности 70 бодови
2. Понудена цена за активноста 30 бодови
Вкупно 100 бодови. Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.

ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ

Комплетната понуда, апликатите треба да ја испратат на е-маил:  [email protected] најдоцна до  17 септември 2025 година до 16:00 часот, со назнака Пријава за анкета.

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.
Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.

Еко-свест ќе го контактира избраниот понудувач, не подоцна од 7 дена од истекот на периодот за доставување на понуда.

Отворен повик за координатор за односи со јавност

Отворен повик за координатор за односи со јавност

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за вработување на координатор за односи со јавност.

Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.

Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.

Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:

– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;

– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;

– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;

– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;

– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;

– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;

– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;

– Спроведување на посебни активности во областите на:

  • заштита на климата
  • заштита на природата
  • заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
  • одржлив развој на локалните заедници
  • одржлив транспорт
  • одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
  • одржливо управување со отпадот
  • иновации во заштитата на животната средина
  • паметно просторно планирање
  • поддршка на заедниците и активно граѓанство.

Повеќе информации за областите на делување на Еко-свест: https://ekosvest.com.mk/

Работни задачи и одговорности на позицијата:                                                               

Во согласност со стратешките приоритети, Еко-свест има потреба од ангажирање на Координатор за односи со јавноста кој ќе работи заедно со програмските тимови на комуникација поврзана со теми од областите на делување на организацијата.

Ангажираниот Координатор за односи со јавност ќе ги има следните работни задачи:

  • Развивање и спроведување на комуникациски план и јавни кампањи
  • Одржување комуникација со медиумите (подготовка и испраќање на соопштенија за медиуми, комуникација со новинари, организирање прес конференции, брифинзи и сл.)
  • Креирање и објавување содржин на веб страниците и на социјалните мрежи на организацијата (видео, фото, текст)
  • Осмислување на визуелни идентитети за кампањите и комуникацијата на Еко-свест,
  • Соработка со сите организации и институции кои работат на комуницирање на пораките на Еко-свест преку своите активности (културни организации, артисти, уметници, фестивали, дигитални креатори, агенции за комуникации, дизајнери и сл)
  • Организирање на јавни настани
  • Поддршка за развиврање на електронските платофрми, вклучително и едукативната платформа на Еко-свест,
  • Тесна соработка со останатите вработени во организацијата
  • Одржување врски со релевантните национални и меѓународни чинители и членството;
  • Извршување на работните задачи во согласност со политиките на Еко-свест.

Квалификации и искуство

  • Кандидатот треба да има завршено високо образование (пожелно во доменот на комуникации).
  • Да има минимум 3 години работно искуство во работа со односи со јавност, развој и спроведување на комуникациски планови и кампањи.
  • Претходно искуство во работа со медиуми и ПР агенции, како и организирање настани, работа со веб страници и социјални мрежи ќе се оценат високо.
  • Потребно е да има одлични организаторски способности, способност за тимска работа и работа со крајни рокови.
  • Познавање на Англиски јазик е задолжително, како и работа на компјутер.

Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:

  • отворена комуникација (усна и писмена) и презентација;
  • брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
  • тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • извршување повеќе задачи истовремено;
  • уредност и организираност.

Работни услови:                                                                                             

Неделното работно време е 40 часа (од 8 до 16 или 9 до 17 часот). Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со период од 1 (еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 40 000 и 80 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.

Почеток на работен однос од 1 октомври 2025 е пожелно.

Начин на пријавување:                                                    

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија;
  • Професионална препорака/референца е пожелна.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Координатор за односи со јавност.

Пријавувањето е отворено од 09.09.2025 до 25.09.2025.

„Отворен е Зелен телефон: активирај се – не молчи, пријави и реагирaj“

„Отворен е Зелен телефон: активирај се – не молчи, пријави и реагирaj“

Скопје, 2 септември 2025 – Препознавајќи ја потребата за ефективно надминување на еколошките проблеми со кои се соочуваме, Еко-свест стави во функција „Зелен телефон“.

Овој сервис е достапен од средината на август – тоа е алатка за советување, насочување и правна поддршка на граѓаните кои се подготвени за акција. Преку Зелениот телефон граѓаните информираат за различни еколошки проблеми и дознаваат како може да се решат.

На кој број граѓаните може да пријават проблем?

Бројот на Зелениот телефон е 071-600-333.

Веднаш по пријавувањето, следи анализа на проблемот од страна на нашиот правен тим. Тој дава совети на граѓаните во врска со постапката за решавање, или  самостојно доставува пријава/барање до надлежните институции. Преку Зелениот телефон може да се пријават прашања или проблеми од областа на урбаното живеење, отпадот, енергијата, воздухот, загадувањето на води, природата и слично.

„Добиваме пријави од цела Македонија во различни категории, како на пример загадување на водите, воздухот и проблеми со отпадот. Многу од граѓаните веќе самостојно презеле чекори за решавање на проблемите, но бараат и совет како да продолжат понатаму и која би била  следната инстанца, доколку не успеале во нивните првични напори.

Само за две недели, на Зелениот телефон пристигнаа повеќе од 30 пријави од кои 17 се уредно поднесени од страна на граѓаните и се во постапка на решавање. Од сите пријави, пет се веќе решени. Најголем дел од пријавите се за отпад и нелегални депонии на територијата на целата држава. Загадување на водите и уништување на природата се на второ место.“ изјави Милијана Богданоска, еколошки правник во Еко-свест.

Целта на Еко-свест преку „Зелениот телефон“ е да развие континуиран однос на соработка и доверба помеѓу граѓаните и органите надлежни за решавање на еколошките проблеми. Истовремено ја подигнува и јавната свест за важноста од личен ангажман на граѓаните во откривањето и во пријавувањето, а со тоа и надминувањето на еколошките проблеми.

Повеќе информации на следниот линк.

Лице за контакт:

Милијана Богданоска, еколошки правник, [email protected]

Отворен повик за организации и мрежи од Западен Балкан

Отворен повик за организации и мрежи од Западен Балкан

The Regional Green Agenda Multiplier Support Programme нуди поддршка за организации и мрежи од Западен Балкан во износ до 15.000 или 25.000 евра.

Доколку вашата организација или мрежа работи во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија или Косово* и сакате да придонесете за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан во вашата економија, можете да аплицирате на овој повик до 17 септември 2025 година.

Преку проектот „Навигатор за зелената агенда“, Beogradska otvorena škola, заедно со регионалните партнери меѓу кои е и Еко-свест, ја спроведува оваа програма со цел подобрување на соработката, разбирањето и влијанието на организациите на граѓанското општество во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан.

Што нуди Програмата?

Проектите мора да бидат тематски усогласени со еден од трите клучни столба на Зелената агенда за Западен Балкан: декарбонизација (клима, енергија, мобилност), дезагадување (воздух, вода, почва) и биодиверзитет (заштита и реставрација на екосистемите). Вашата организација или мрежа ќе добие:

Финансиска поддршка: до 15.000 евра за организации на граѓанското општество и до 25.000 евра за формални и неформални мрежи на организации.

Програма за градење капацитети, вклучувајќи обуки и едукативни сесии за Зелената агенда за Западен Балкан.

Експертска и менторска поддршка.

Можности за придонес во национални, регионални или иницијативи за застапување на ниво на ЕУ, предводени од членови на конзорциумот на проектот „Зелена агенда навигатор“.

Како да аплицирате?

Сите заинтересирани кандидати се должни да присуствуваат на онлајн обуката за претселекција преку платформата Zoom. Задолжителната онлајн обука ќе се одржи на 4 септември во 10:00 часот по средноевропско време. Потребна е регистрација (тука), а по успешната регистрација, учесниците ќе добијат линк за пристап до обуката.

Апликациите се поднесуваат во две фази, првата е поднесување на концептна нота, т.е. кратка форма на англиски јазик во која се презентира идејата за проектот.

Зошто е ова важно?

Сите економии на Западен Балкан се погодени од загадувањето и климатските промени, а граѓаните плаќаат највисока цена. Оваа Програма за поддршка претставува не само можност за финансиска помош на граѓанското општество, кое треба да игра позначајна улога во процесите на донесување одлуки, туку и за едукација и зголемена видливост на организациите.

Доколку работите во една од областите на Зелената агенда и сте заинтересирани да ја започнете имплементацијата на вашата проектна идеја во ноември 2025 година, можете да најдете повеќе информации за Повикот и условите за аплицирање ТУКА.

Контакт

Доколку имате дополнителни прашања во врска со Отворениот повик, ве молиме обратете се на англиски јазик на: [email protected]. Прашањата мора да се достават најдоцна до 12 септември.

This Call is announced under the Green Agenda Navigator project, implemented by Belgrade Open School in cooperation with six regional partners: the Aarhus Centre Association in Bosnia and Herzegovina, Eco-Team from Montenegro, Eco-Z from Kosovo*, the Center for Environmental Research and Information Eko-Svest from North Macedonia, the Protection and Preservation of Natural Environment organization from Albania, and CEE Bankwatch Network as the EU-based partner. The project is co-funded by the European Union.