Тимот на Еко-свест оваа сабота успешно ја одржа третата Еко трампа, која претставува настан за размена на користени предмети, парчиња гардероба и мали електрични апарати.
На 18 април, во Лабораториум, тимот на Еко-свест заедно со своите волонтери беше домаќин на сите граѓани кои сакаа да бидат дел од овој настан за размена.
Новитет на оваа Еко трампа беше тоа што воведовме и катче за реквизити за домашни миленици и катче за детски играчки, по барање на учесниците на минатите одржани настани.
Овој пат, учесниците на Еко трампата, можеа да си изберат и понесат онолку предмети колку што им се допаднале, а правилото за учество налагаше да донесат најмногу до три свои предмети.
Исто, учесниците овој пат можеа со донација да изберат „Еко-трампа“ торба, уште еден новитет кој претставува чекор кон намалување на пластиката и промоција на одржливоста.
На 16 април во Скопје Еко-свест ја организираше Националната конференција за природа која ги собра на едно место локалните заедници, одржливите бизниси и експерти за да одговорат на главното прашање- Дали во Македонија е можно истовремено да се постигне економски развој и заштита на животната средина?
Во своето поздравно обраќање директорката на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска, истакна дека овој настан е одговор на барањето на учесниците на минатогодишната Меѓународна конференција за природа: „Увидовме дека има потреба на едно место да им дадеме можност на локалните заедници отворено да говорат за своите напори да ја заштитат средината во која живеат од девастацијата причинета од инфраструктурниот развој. Воедно, сметавме дека е многу важно да се споделат и позитивни примери и да се поврзат заедниците меѓу себе, за да можат да учат едни од други како да развијат локална економија во функција на заштитата на природата.“
На настанот се обрати и Министерот за животна средина и просторно планирање, г-н Мухамед Хоџа, кој истакна дека е важно граѓаните да се вклучат во создавањето на новиот Закон за природа. „Новиот Закон за природа овој месец ќе биде поставен на ЕНЕР и Ве повикувам да коментирате и давате предлози, да учествувате во јавните дискусии бидејќи Вашиот придонес е значаен- Вие ја познавате природата на терен и ги унапредувате вредностите кои законот треба да ги заштити“, изјави министерот Хоџа.
Низ три панел дискусии, присутните можеа да ги разменат своите искуства и да научат едни од други за нивната борба и да се поврзат, за во иднина да се развијат нови соработки и поддршки помеѓу заедниците. Меѓу говорниците беа докажани борци за животната средина и претставници на локалните заедници кои делуваат против уништувањето на природата од инфраструктурни проекти.
Локалните граѓански иницијативи кои се создадени и водени од граѓани кои самостојно сакаат да ја заштитат животната средина беа дефинирани како рецепт за успех, но, тие стравуваат дека инфраструктурните проекти кои ја уништуваат природата се моментално паузирани, а не стопирани засекогаш. Таков е примерот со бројните мали хидроцентрали планирани во недопрената природа, каде овие заедници живеат и од која зависат.
Меѓу панелистите се најдоа и експерти од областа кои ги дадоа своите препораки и ја истакнаа потребата од долгорочна визија за одржлив локален развој, интензивна меѓусекторска соработка, како и вклучување на локалните заедници во носењето на одлуките на сите нивоа.
На крајот од конференцијата беше промовирана и интерактивна видео игра која е дизајнирана од „Изгради“ во соработка со Еко-свест со цел да им овозможи на локалните жители да ги истражат можностите за локален развој кој ја поддржува заштитата на природата.
Еко-свест и на овој настан даде простор на Еко-културата. За време на конференцијата, посетителите можеа да ја погледнат и изложбата на цијанотипски фотографии, кои претставуваат автентичен визуелен запис на природните убавини на Демир Капија, а беа изработени од ученици во рамки на работилница на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, поддржана од Еко-свест.
Нашиот партнер, здруженоето Макстрипови, инспириран од Еко-хероите, го објавува новиот конкурс за стрип корица!
Тема: Креирај нов „Тим ЕКО“ суперјунак!💡
Осмисли свој оригинален јунак, направи карактер дизајн и нацртај стрип корица со него. На корицата можеш да вклучиш и лого, наслов, па дури и името на јунакот. ✅
„Тим ЕКО“ е стрип серијал создаден од „Еко-Свест“ и „Макстрипови“, напишан и нацртан од Давор Драмиќанин и Здравко Гиров. Досегашните суперјунаци најчесто имаат моќи инспирирани од природата, а преку нивните приказни на креативен начин се пренесува пораката за важноста од инвестирање во обновливи извори на енергија. 🦸🏻♂️♻️
На сликите во прилог ќе можете да видите дел од досегашните „Тим ЕКО“ ликови, како инспирација за вашиот нов херој. 🦾
Награди:
☀️3 награди по 6.000 денари.
💧Избраниот карактер може да стане дел од „Тим ЕКО“ во некоја од следните стрип-епизоди.
🌱Пофалените учесници ќе добијат и подарок-албуми „Тим ЕКО“.
Услови:
1️⃣ Карактерот мора да биде оригинален и да не е копија.
2️⃣ Илустрацијата не смее да биде изработена со AI алатки за генерирање слики.
Првите епизоди од „Тим ЕКО“ можете бесплатно да ги прочитате на веб-страницата на „Еко-Свест“, во делот Публикации → Стрипови. 🔗
Еко-свест со гордост ја најавува третата Еко трампа „На ти го, дај ми го“, уникатен настан посветен на одржливост, заедништво и креативна размена. Настанот ќе се одржи на 18 април во Лабораториум, со почеток од 12 часот, и е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.
Концептот е едноставен, но инспиративен – секој учесник може да донесе до три предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети), а може да земе колку сака од предметите кои другите учесници ги донеле.
Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални. Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе – затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и топол пијалок.
„Интересно е што идеите за проширување и подобрување на настанот Еко-трампа произлегуваат од самите учесници. Така, инспирирани од втората Еко-трампа на која се учесниците носеа играчки и предмети за миленици, на оваа трета по ред Еко-трампа отвораме ново катче за миленици. Ги повикуваме сите граѓани кои имаат вишок предмети за миленици или играчки да дојдат и да се заменат. Се радуваме што Еко-трампа се развива паралелно со потребите на нашите сограѓани и тоа дава дополнителна убавина за постоењето на истата“ вели Милијана Богданоска од Еко-свест.
Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.
Еко трампата е повеќе од обична размена – таа е можност да се запознаете со луѓе кои размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна, и да дадете свој мал придонес за позелена иднина.
Прекрасната емотивна сликовница за деца „Каде оди реката?“ беше промовирана минатиот викенд во Скопје. Промоцијата беше проследена од неколку десетици посетители на КСП Центар – Јадро, каде збор зедоа Ѓорѓи Митревски од Еко-свест, и авторките Хана Корнети и Марија Трајаноска.
„Кога Лука копнее да го види светот, скриен зад далечниот хоризонт низ кој тече реката, снешкото Магелан решава храбро да скокне во изворот и да отплови наместо него. Пловејќи низводно, Магелан ги открива волшебните убавини на природата и нејзините фантастични жители. Но она што почнува како весела авантура, набрзо се претвора во откритие на длабоките лузни што човекот ги оставил со својата негрижа. „Каде оди реката?“ е лирска екоприказна за пријателството, одговорноста и надежта. Таа нè учи дека секој наш свесен избор е чекор на патот кон зачувување на хармонијата меѓу човекот и природата“, е наведено во сижето на сликовницата.
Ова издание на Чудна шума е во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Скопје. Содржините во изданието се инспирирани од нивната работа во областа на заштитата на реките и се темелат на резултатите од истражувањата за притисоците врз реките и речните екосистеми.
Најнови коментари