Среќни сме што токму светскиот ден за заштита на животната средина, Еко свест го одбележа заедно со средношколците од ПСУ Алгоритам – Скопје и тоа на тема компостирање – лесен излез кон помалку отпад.
Во време кога сѐ уште нема развиено функционален државен систем на селектирање и рециклирање на отпад, тоа што останува во моментов е пронаоѓање начин за индивидуални дејствија кон намалување на штетните влијанија од отпадот кој секојдневно секое домаќинство неминовно го произведува.
Сепак, како индивидуи можеме да имаме целосна контрола над обработката на биоотпадот.
Препознавајќки го истото како важно, Еко свест на 5 јуни одржа две работилници за компостирање во домашни услови. Учениците од ПСУ Алгоритам – Скопје имаа можност да се запознаат со основите на поимот компостирање но и практично научија како биоотпадот на наједноставен начин можат да го вратат во природата.
Скопје, 5 јуни 2025 година – Над 15 граѓански организации и иницијативи заедно поднесоа формална претставка до Владата на Република Северна Македонија, барајќи итна акција за репрогласување и заштита на Националниот парк Маврово во согласност со законските одредби. Претставката, упатена до премиерот Христијан Мицкоски, истакнува значителни прекршувања на Законот за заштита на природата што како резултат го загрозуваат еколошкиот интегритет и одржливиот развој на паркот.
Организациите изразуваат длабока загриженост поради долготрајниот процес на трансформирање на Националниот парк Маврово според постојното законодавство и меѓународните стандарди. Тие тврдат дека сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој.
Претставката, меѓу другото, наведува неколку клучни прашања:
Законот за репрогласување на НП Маврово не е донесен.
Не е донесен План за управување со НП Маврово.
Пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но не се санкционирани.
Приближно 80% од финансирањето на Јавната установа Национален парк Маврово доаѓа од сеча, неодржлива практика спротивна на намената на заштитеното подрачје.
Забележан е пад на популациите на заштитените животински видови во паркот.
Организациите нагласуваат дека потенцијалните донатори се подготвени да го финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување по усвојувањето на План за управување. Отсуството на таков план спречува финансиска поддршка и одржливо управување со ресурсите, загрозувајќи го еден од најстарите паркови во Европа.
Во претставката, исто така, се наведува дека Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на Националниот парк Маврово, а непочитувањето на овие препораки претставува кршење на меѓународното право.
Организациите ја повикуваат Владата на Република Северна Македонија да преземе итни чекори за исполнување на одредбите од Законот за заштита на природата, вклучително и објавување на нацрт-законот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово, организирање јавна расправа за Законот и негово усвојување.
Еко-свест објавува повик за консултанти и компании за изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија.
Повикот е отворен од 02.06.2025 до 16.06.2025 година.
Заинтересираните консултанти и компании можат да достават понуда најдоцна до 16.06.2025 година во 17:00 часот по средноевропско време.
Потребни квалификации на понудувачите
Избраната компанија/консултант треба да ги исполни следните критериуми:
Докажано искуство во спроведување на социо-економски или слични анализи (Најмалку 5 години практично искуство во подготовка на социо-економски анализи, студии за влијание на животна средина, или анализи поврзани со просторен/одржлив развој или заштита на природата
Познавање на националната законска рамка во областа на заштита на природата и локалната самоуправа, посебно на аконот за природа на РСМ и подзаконските акти поврзани со прогласување и управување со заштитени подрачја
Познавање на институционалните надлежности (на локално и национално ниво) во областа на заштита на животната средина и просторен развој
Искуство со методи на истражување и прибирање податоци како квантитативни и квалитативни методи за истражување, спроведување на интервјуа, анкети, фокус групи, SWOT или анализа на засегнати страни
Познавање на просторно планирање и основи на ГИС алатки (предност, не задолжително)
Искуство во работа со локални заедници и засегнати страни, особено во рурални или полурурални средини
Заинтересираните компании/консултанти треба да достават:
Писмо за изразување интерес (максимум 1 страна), со нагласок на релевантно искуство и знаење;
Техничка понуда (методологија, план на работа, тим), максимум 3 страни;
Финансиска понуда (изразена во дневници, во МКД со вклучен ДДВ)
Ажурирана работна биографија (CV) на консултантот/ите кои ќе ја изработуваат анализата. Доколку е тим, во понудата треба да биде вклучена биографија за секој член од тимот. Биографиите треба да содржат целосен опис на релевантните квалификации и професионално работно искуство;
Примери од претходна релевантна работа, со најмалку две (2) препораки со наведени контакт информации;
Изјава за критериумите за исклучување (Прилог 3) поднесена на англиски ИЛИ македонски јазик
Тековна состојба не постара од 6 месеци.
Понудите да се достават на: [email protected] со назнака (subject): Понуда за социо-економска анализа.
Напомена!
Еко-свест ќе бара од избраниот понудувач пред склучување на договор за соработка да ја достави следната документација:
Tековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјава дека ги исполнува критериумите за учество; биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.
Доверливост
Сите информации кои се поврзани со оценка на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.
Евалуација на кандидатите
Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
Портфолио на компанијата/консултантот – 50 бодови
Финансиска понда – 50 бодови
Вкупно 100 бодови
Референтните услови за задачата се дадени во Прилог 1 на овој повик.
За било какви прашања, контактирајте го Ѓорѓи Митревски на [email protected]
Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Нецелосните понуди, односно понудите испратени после предвидениот рок за аплицирање, нема да бидат земени во предвид.
Прилог 1. Опис на работната задача
Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија
1. Контекст
Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје на територијата на општина Демир Капија се спроведува од страна на Еко-свест, во соработка со општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ. Согласно Законот за природа (Службен весник бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10 и др.), потребно е да се изработи социо-економска анализа со цел да се проценат потенцијалните влијанија, можности и предизвици поврзани со прогласувањето на подрачјето.
Оваа анализа ќе биде составен дел од официјалната документација за прогласување и ќе послужи како основа за информирање на носителите на одлуки, засегнатите страни и пошироката јавност.
2. Цели на ангажманот
Целта на оваа анализа е да се изработи целосна социо-економска анализа на подрачјето предложено за заштита (Прилог 2), која ги вклучува заедниците, економските активности, користењето на земјиштето и интересите на засегнатите страни. Анализата треба да ја прикаже актуелната состојба, да ги процени можните влијанија од прогласувањето и да даде препораки за одржлив развој и поддршка на локалното население.
3. Обем на работата
Консултантот/компанијата ќе треба да ги спроведе следните активности:
3.1. Преглед на правната рамка и контекстот
Преглед на релевантната законска регулатива, особено Законот за природа и подзаконските акти.
Анализа на постоечки плански документи, истражувања и бази на податоци за Демир Капија.
3.2. Анализа на социо-економската основа
Демографија: структура на населението, миграции, образование и др.
Економија: вработување, извори на приходи, клучни сектори (земјоделство, туризам и др.).
Употреба на земјиштето и природни ресурси: категории на користење, статус на сопственост и кориснички права.
Инфраструктура и јавни услуги: транспорт, енергија, вода, здравство и др.
Културни и социјални вредности, традиции и заеднички практики.
3.3. Идентификација и консултација со засегнати страни
Идентификација и категоризација на сите релевантни засегнати страни.
Спроведување на интервјуа, фокус групи и/или анкети со локални жители, општински власти, претставници на бизниси и граѓански организации.
3.4. Проценка на потенцијалните влијанија
Социјални и економски влијанија од прогласувањето на заштитеното подрачје.
Идентификација на ранливи групи и можни ризици за нивната егзистенција.
Проценка на институционалниот капацитет за управување со заштитеното подрачје.
3.5. Препораки
Предлог мерки за максимизирање на позитивните и минимизирање на негативните влијанија.
Предлози за унапредување на локалниот развој и зајакнување на институционалната соработка.
4. Испорака на задачата
Консултантот/компанијата ќе ги достави следните материјали:
Иницијален извештај – методологија, план на работа и план за комуникација со засегнатите страни (во рок од 10 дена по потпишување на договорот)
Нацрт социо-економска анализа – со вклучени наоди, проценки и препораки
Извештај од консултации со засегнатите страни – документиран процес и главни резултати
Конечна верзија на анализа – ревидирана по добиени коментари
Презентација на наодите – пред локални засегнати страни и релевантни институции
5. Временска рамка
Ангажманот треба да се реализира најдоцна до 1 септември 2025 година.
Во текот на изминатите две години, со поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Еко-свест се посвети на подобрување на управувањето со водите во националните паркови Маврово и Шар Планина и развивање механизми за поддршка на парковите во мониторингот на реките и речните екосистеми. Оваа активност е во согласност со стратешката цел на Еко-свест да придонесе кон воспоставување на законска и практична социо-еколошка заштита и реставрација на реките. Имајќи ги предвид притисоците од човековите активности, како и климатските промени, заштитата на реките е една од најважните задачи на модерното време и предуслов за идната благосостојба на луѓето и природата.
Нашата работа вклучуваше соработка со експерти од областа на биодиверзитетот, хидрологијата и геоморфологијата и резултираше со подготовка на уникатна Анализа на заканите врз реките и крајречните живеалишта во националните паркови Маврово и Шар Планина. Методологијата за спроведување на оваа анализа беше иновативна и инклузивна за релевантните засегнати страни, што резултираше со сеопфатен преглед на заканите, заедно со препораки и мерки за нивно ублажување и еколошка реставрација. Анализата ќе им овозможи на управителите со заштитените подрачја подобро да ги разберат идентификуваните закани и да го следат нивното влијание врз база на креираните „мапи на закани“. Следниот чекор е подготовка на план за реставрација кој би се справил со критичните закани и физички би ги обновил екосистемите.
Во соработка со експерт хидролог, развивме постапка за контрола на еколошки проток на реките. Оваа постапка претставува упатство за проценка, следење и управување со протокот на вода за да се обезбеди усогласеност со барањата за еколошки проток, во согласност со Рамковната директива за води на ЕУ. Овој документ е дизајниран да одговори на правната празнина и моменталното отсуство на формална постапка за пресметување на еколошкиот проток, како што е пропишано со новиот Закон за води. Еко-свест, исто така, донираше хидролошки мерачи на проток во двата парка и спроведе наменски обуки за тоа како да се користи опремата.
Со цел да се вклучат граѓаните да придонесат за заштита и следење на речните екосистеми, ја адаптиравме апликацијата CrowdWater. Употребата на мобилната апликација ќе ја поттикне граѓанската наука и собирањето на податоци што дополнително ќе им помогне на парковите во идентификувањето и следењето на еколошките проблеми поврзани со реките.
Во моментов, Еко-свест врши континуиран мониторинг на избрани пилот-реки, Бистрица на Шар Планина и Тресонечка река во Маврово. Следниот чекор во овој проект е да се продолжи со анализата на заканите и да се идентификуваат потребите за реставрација, како и да се спроведат активности за реставрација и рехабилитација во националните паркови.
Мрежата CEE Bankwatch и Еко-свест неодамна изразија сериозна загриженост во врска со предложениот проект за ископ на јаглен во Македонија. Планот за отворање на нов рудник за лигнит во Пелагонискиот регион е изненадување, бидејќи регионот веќе е погоден од три други рудници за јаглен, а проектот е спротивен на заложбите за напуштање на јагленот како енергенс.
Во 2018 и 2019 година, за време на подготовката на својата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, Македонија одлучи да оди во правец кој беше револуционерен за Балканот – постепено да ја укине употребата на јаглен за производство на електрична енергија до 2027 година. Ова беше одложено за неколку години во Националниот план за енергетика и клима (НЕКП), главно поради пандемијата. Сепак, во споредба со соседните држави, ова беше сè уште многу амбициозно. Србија беше во процес на изградба на нова термоелектрана на јаглен, а Босна и Херцеговина имаше неколку слични планирани проекти.
Амбицијата на Македонија беше поздравена од Европската комисија и го привлече интересот на меѓународните финансиски институции. ЕБОР беше првата што финансираше практични проекти кои ги поддржуваат овие цели, како што е конверзијата на рудникот за јаглен Осломеј во фотоволтаична централа од големи размери. На ова се надоврза техничката поддршка од ЕУ за подготовка на Патоказот за праведна транзиција, поддршката од Фондот за климатски инвестиции за Инвестициски план за забрзана транзиција и дополнителни грантови од ЕУ за повеќе соларни проекти.
Врз основа на заложбите на АД ЕСМ, државната електроенергетска компанија, за укинување на јагленот како енергенс и неотворање на нови капацитети за ископ на јаглен, во 2023 година ЕБОР исто така ја поддржа компанијата, со кредит за ликвидност од 100 милиони евра.
Во истиот период, очигледно се одвиваше сосема поинаков паралелен процес во ЕСМ. Во мај 2019 година, компанијата склучи договор за главен проектен дизајн и оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) за наоѓалиштето на лигнит Живојно. Проектот беше развиен во текот на 2020 година и повеќето еколошки истражувања беа завршени тогаш. Потоа, студијата за ОВЖС почна периодично да се појавува и исчезнува од веб-страницата на Министерството за животна средина, создавајќи забуна за тоа што се случува со проектот. Во мај 2025 година истата беше официјално објавена и беше организирана јавна расправа.
Студијата пропушта многу клучни прашања, но најважно е што целосно ги занемарува стратешките приоритети и меѓународните обврски на земјата. Учествувавме на јавната расправа во просториите на општина Новаци, во регионот каде што е планиран рудникот, и доставивме писмени забелешки.
Меѓу најкритичните точки ги издвојуваме:
Стратешки конфликти: Проектот е во спротивност со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година (2019), НЕКП 2021-2030 и Национално утврдените придонеси (НУП) за ублажување на климатските промени. Овие документи наведуваат дека Македонија има цел да ја прекине употребата на јаглен за производство на електрична енергија најдоцна до 2029 година и да започне интензивна декарбонизација на енергетскиот сектор.
Меѓународни обврски: Земјата доби техничка помош од Европската Унија за развој на Патоказ за праведна транзиција, со веќе подготвен првичен годишен план. Понатаму, Македонија е меѓу неколкуте глобално избрани учесници во Програмата за забрзана транзиција од јаглен на Фондот за климатски инвестиции, благодарение на нејзините амбициозни планови за декарбонизација. Исто така, со значителна техничка поддршка е развиен Инвестициски план за забрзана транзиција.
Финансиски обврски: Инвеститорот, ЕСМ, обезбеди значителни заеми условени со придржување кон овие стратешки заложби и неотворање нови рудници за јаглен. Овој проект, доколку се реализира, може да го загрози интегритетот и угледот на земјата во меѓународната заедница и финансиските институции, ризикувајќи отплата на заеми и трошење на јавни средства. Долгорочно, тоа може сериозно да го ограничи пристапот до понатамошна финансиска помош клучна за процесите на декарбонизација и праведна транзиција.
Временски несовпаѓања: Во студијата за ОВЖС се споменува дека експлоатацијата на рудникот ќе заврши пред процесот на декарбонизација на енергетскиот сектор, но точното време останува нејасно. Со моменталниот датум за постепено укинување на јагленот поставен за оваа деценија, и доколку започнувањето на работата на рудникот трае околу две години, почетокот на експлоатацијата би бил многу блиску до овој рок (2030). Други информации во студијата сугерираат дека животниот век на рудникот ќе биде дури 14 години, продолжувајќи ја работата до околу 2040 година – една деценија по датумот за укинување на јагленот.
Опсег на проценка: Студијата за ОВЖС го оценува проектот како изолиран рударски потфат, не земајќи ја предвид неговата специфична цел и карактеристики во рамките на постојниот рударско-термоелектричен комплекс Битола. Проектот е наменет за ископ на лигнит за термоелектраната, што го прави интегрален дел од енергетскиот систем, а не само рударски проект. Овој пропуст води до несоодветна анализа на алтернативни начини за постигнување на истата цел и потценување на крајните влијанија на проектот врз климата.
Користени податоци: Голем дел од основните податоци се собрани во 2020 година и сега се застарени. Еколошкото законодавство на Македонија предвидува дека еколошката дозвола за проект истекува по две години доколку не започне изградбата, освен ако условите во проектната област не останат непроменети. Во најмала рака, студијата треба да обезбеди ажурирање на тековните услови во споредба со основните податоци од 2020 година и по можност треба да вклучи нови податоци за значајни влијанија како подземните води и квалитетот на воздухот.
Овие значајни забелешки треба темелно да се испитаат и одговорат. Клучно е секој проект да се усогласи со националните и меѓународните еколошки обврски, особено оние насочени кон справување со климатските промени и обезбедување одржлива иднина. Неопходно е да се водат отворени дискусии, транспарентни проценки и внимателно да се разгледаат сите алтернативи за да се донесат информирани одлуки кои ќе бидат од корист и за економијата и за животната средина.
Во ваква ситуација се нагласува важноста на конзистентноста помеѓу стратегиите на земјата и индивидуалните проекти, како и интегритетот во стремежот кон енергетските цели, почитувајќи ги меѓународните обврски и давајќи приоритет на одржливиот развој на долг рок.На крајот на краиштата, не постои начин на кој еколошките и климатските влијанија од нов рудник за јаглен во Македонија можат да се управуваат без државата да ги прекрши своите обврски. ЕСМ мора или да го повлече своето барање за одобрување на ОВЖС за Живојно или Министерството мора да го одбие истото. Во спротивно, ЕБОР ќе треба да побара итно враќање на својот заем. Воедно, банката ќе треба сериозно да го подобри спроведувањето на проверката и контролата на слични заеми во иднина.
Најнови коментари