Еко-свест со барање до МЖСПП во врска со хидроцентралите на Дошница

Еко-свест со барање до МЖСПП во врска со хидроцентралите на Дошница

На 11.07.2025 Еко-свест достави писмо со барање до Министерот за животна средина и просторно планирање да преземе мерки во врска со планираните хидроцентрали на реката Дошница и да побара од инвеститорот дополнителни истражувања, како и ажурирање на елаборатите за животна средина.

Во продолжение е текстот на дописот.

До

Министерство за животна средина и просторно планирање

Министер г-н Изет Меџити

Скопје, 11.07.2025

Предмет: Барање за ажурирање на елаборатите за МХЕЦ Баров Дол, МХЕЦ Папрад

Почитуван г-н Меџити,

На 78мата седница на Владата на Република Северна Македонија, Владата ја разгледа Информацијата во врска со Барањето на концесионерот „Хидро Дошница“ ДОО Скопје за продолжување на рокот за изградба и започнување со комерцијална работа на малите хидроелектрични централи, МХЕЦ Баров Дол, МХЕЦ Папрад, со текст на Анекс бр. 1 на Договорот и ја усвои со следните заклучоци: 1. Притоа, Владата го овласти  м-р Изет Меџити, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за животна средина и просторно планирање, во име на Владата како концедент да склучи Анекс бр.1 на Договорот за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, со арх.бр. 02-2794/1 од 5.4.2022 година, за продолжување на рокот за изградба и почеток на комерцијалното работење до 6.4.2026 година.

Во врска со оваа постапка, а со цел спречување на сериозни штети по природата и животната средина од изградбата и работењето на малите хидроцентрали, сакаме да укажеме на следното:

  1. Локациите на двете хидроцентрали се наоѓаат на реката Дошница, чиј горен тек е во Општина Кавадарци, а долниот тек е во општина Демир Капија.
  2. Работењето на малите хидроцентерали, согласно тековниот Закон за водите пропишува испуштање на 10% биолошки минимум во реката низводно. Напоменуваме дека реката Дошница веќе има дефицит од вода поради постојниот хидросистем изграден во минатото. Нашиот закон не ја транспонира Рамковната директива за води која пропишува испуштање на т.к.н. еколошки проток кој обезбедува добра еколошка состојба на водното тело. Биолошкиот минимум од 10% значително ќе го намали водостојот на реката Дошница и ќе резултира кон деградирање на еколошкиот статус на истата.
  3. Министерството за животна средина и просторно планирање во Програмата за заштита на природата за 2024 година (Сл.Весник на РСМ бр.16/2024) во своите приоритетни цели го постави прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија, во чии рамки се наоѓа целото сливно подрачје на долното течение на реката Дошница.
  4. Во рамки на хидрографската мрежа на Демиркаписката клисура, реката Дошница по целото свое течение се издвојува со своите исклучително високи природни вредности од аспект на фауната на акватичните безрбетници. Имено, водите на реката Дошница се дом на 22 таксономски групи макроинвертебрати, меѓу кои шесте Балкански ендемични пролетници Brachyptera graeca, Isoperla belai, Isoperla oxylepis subsp. balcanica, Protonemura mattheyi, Protonemura rauschi и Leuctra olympia, како и Македонските ендемити Taeniopteryx stankovitchi и Capnioneura balkanica subsp. macedonica вклучени на Националната Листа 2 на Заштитени диви видови во Р. Северна Македонија (Службен весник на Р.М бр. 139/2011). Дополнително, во водите на реката се сретнуваат и ларвите на пролетницата Dinocras cephalotes и вилинското коњче Somatochlora meridionalis кои претставуваат ретки видови, присутни само во неколку региони на територијата на Р. С. Македонија. Овие податоци се утврдени со истражување спроведено во 2024 година. Исто така, во 2024 година во реката Дошница се пронајдени и два вида риби – Salmo macedonicus и Barbus balcanicus, кои се индикатори за идно Натура 2000 подрачје.
  5. Неспорно е дека изградбата и работата на малите хидроцентрали на горното течение на реката Дошница со биолошки минимум и со несоодветни стандарди за изградба на рибни патеки, ќе влијаат негативно на екосистемот и ќе причини сериозни штети врз идното заштитено подрачје. Дополнително, во процесот на истражување и изработка на студија за валоризација на заштитено подрачје, не е препорачливо да се вршат градежни зафати и инфраструктурни проекти, кои директно ќе влијаат на наодите во студијата како и врз идното заштитено подрачје во целост.
  6. Истовремено, елаборатите за овие две хидроцентрали (изработени пред 2019 година) не го земаат предвид фактот дека во реката Дошница живеат строго заштитени и ендемични видови, и дека горното течение на реката ќе има директно влијание врз долното течение и идното заштитено подрачје, врз кое не смее негативно да се влијае.

Од горенаведените аспекти, бараме од Министерството за животна средина и просторно планирање од инвеститорот да побара:

  • Извештај за спроведен мониторинг на биолошката разновидност во времетраење од 12 месеци на локациите каде е планирана изградбата на проектите.
  • Извештај од спроведен мониторинг на водниот тек, изработен од експерт хидролог со кој ќе се утврди еколошкиот проток за реката Дошница,
  • Предлог мерки за заштита кои се однесуваат на пределот опфатен со идното заштитено подрачје,
  • Предлог техничка изведба на рибна патека, која треба да биде изработена од стручни лица и експерти во областа на ихтиофауната,
  • Изработка на нови елаборати за животна средина за двете хидроцентрали со вклучување на аспектот на еколошки проток, со цел избегнување на штети врз екосистемот на реката Дошница.

Согласно овие документи, бараме Министерството за животна средина и просторно планирање да ја ажурира еколошката дозвола на инвеститорот со цел вградување на новите аспекти во дозволата. Имајќи предвид дека елаборатите се изработени пред 2019 година, од кога се поминати 6 години, укажуваме дека поради новата состојба и новите достапни податоци, потребно е ажурирање на истите, или изработка на нови,  од страна на концесионерот. Напоменуваме дека и во случаите кога за проектите се изработува Оцена на влијание врз животната средина, важноста на истата е до 2 години.

Поради важноста на заштитата на реката Дошница, како главна артерија на идното заштитено подрачје, бараме Министерот да постапи согласно наведените аспекти.

Со почит,

Ана Чоловиќ Лешоска

Извршна Директорка

Еко-свест

Повик за компании и консултанти за Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија

Повик за компании и консултанти за Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија

Еко-свест објавува повик за консултанти и компании за изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија.

Повикот е отворен од 18.06.2025 до 24.06.2025 година.

Заинтересираните консултанти и компании можат да достават понуда најдоцна до 24.06.2025 година во 17:00 часот по средноевропско време.

Потребни квалификации на понудувачите

Избраната компанија/консултант треба да ги исполни следните критериуми:

  • Докажано искуство во спроведување на социо-економски или слични анализи (Најмалку 5 години практично искуство во подготовка на социо-економски анализи, студии за влијание на животна средина, или анализи поврзани со просторен/одржлив развој или заштита на природата
  • Познавање на националната законска рамка во областа на заштита на природата и локалната самоуправа, посебно на аконот за природа на РСМ и подзаконските акти поврзани со прогласување и управување со заштитени подрачја
  • Познавање на институционалните надлежности (на локално и национално ниво) во областа на заштита на животната средина и просторен развој
  • Искуство со методи на истражување и прибирање податоци како квантитативни и квалитативни методи за истражување, спроведување на интервјуа, анкети, фокус групи, SWOT или анализа на засегнати страни
  • Познавање на просторно планирање и основи на ГИС алатки (предност, не задолжително)
  • Искуство во работа со локални заедници и засегнати страни, особено во рурални или полурурални средини

Заинтересираните компании/консултанти треба да достават:

  • Писмо за изразување интерес (максимум 1 страна), со нагласок на релевантно искуство и знаење;
  • Техничка понуда (методологија, план на работа, тим), максимум 3 страни;
  • Финансиска понуда (изразена во дневници, во МКД со вклучен ДДВ)
  • Ажурирана работна биографија (CV) на консултантот/ите кои ќе ја изработуваат анализата. Доколку е тим, во понудата треба да биде вклучена биографија за секој член од тимот. Биографиите треба да содржат целосен опис на релевантните квалификации и професионално работно искуство;
  • Примери од претходна релевантна работа, со најмалку две (2) препораки со наведени контакт информации;
  • Изјава за критериумите за исклучување (Прилог 3) поднесена на англиски ИЛИ македонски јазик
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци.

Понудите да се достават на: [email protected] со назнака (subject): Понуда за социо-економска анализа.

Напомена!

Еко-свест ќе бара од избраниот понудувач пред склучување на договор за соработка да ја достави следната документација:

Tековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјава дека ги исполнува критериумите за учество; биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

Доверливост

Сите информации кои се поврзани со оценка на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.

Евалуација на кандидатите

Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Портфолио на компанијата/консултантот – 50 бодови
  • Финансиска понда – 50 бодови
  • Вкупно 100 бодови

Референтните услови за задачата се дадени во Прилог 1 на овој повик.

За било какви прашања, контактирајте го Ѓорѓи Митревски на [email protected]

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Нецелосните понуди, односно понудите испратени после предвидениот рок за аплицирање, нема да бидат земени во предвид.

Прилог 1. Опис на работната задача

Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија

1. Контекст

Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје на територијата на општина Демир Капија се спроведува од страна на Еко-свест, во соработка со општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ. Согласно Законот за природа (Службен весник бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10 и др.), потребно е да се изработи социо-економска анализа со цел да се проценат потенцијалните влијанија, можности и предизвици поврзани со прогласувањето на подрачјето.

Оваа анализа ќе биде составен дел од официјалната документација за прогласување и ќе послужи како основа за информирање на носителите на одлуки, засегнатите страни и пошироката јавност.

2. Цели на ангажманот

Целта на оваа анализа е да се изработи целосна социо-економска анализа на подрачјето предложено за заштита (Прилог 2), која ги вклучува заедниците, економските активности, користењето на земјиштето и интересите на засегнатите страни. Анализата треба да ја прикаже актуелната состојба, да ги процени можните влијанија од прогласувањето и да даде препораки за одржлив развој и поддршка на локалното население.

За потребите на оваа социо-економска анализа Еко-свест спроведе анкета на репрезентативен примерок на територија на општина Демир Капија. Резултатите од истражувањето, како и SPSS база ќе бидат достапни за избраниот консултант.

Еко-свест исто така има претходно спроведено Анализа на можностите за еколошки туризам и одржлив развој во регионот на Демир Капија, како и Преглед на правната регулатива во доменот на заштита на природа и прогласување на заштитени подрачја. Овие анализи, исто така ќе биде достапна за избраниот консултант.

3. Обем на работата

Консултантот/компанијата ќе треба да ги спроведе следните активности:

3.1. Преглед на правната рамка и контекстот

  • Преглед на релевантната законска регулатива, особено Законот за природа и подзаконските акти.
  • Анализа на постоечки плански документи, истражувања и бази на податоци за Демир Капија.

3.2. Анализа на социо-економската основа

  • Демографија: структура на населението, миграции, образование и др.
  • Економија: вработување, извори на приходи, клучни сектори (земјоделство, туризам и др.).
  • Употреба на земјиштето и природни ресурси: категории на користење, статус на сопственост и кориснички права.
  • Инфраструктура и јавни услуги: транспорт, енергија, вода, здравство и др.
  • Културни и социјални вредности, традиции и заеднички практики.

3.3. Идентификација и консултација со засегнати страни

  • Идентификација и категоризација на сите релевантни засегнати страни.
  • Спроведување на интервјуа, фокус групи и/или анкети со локални жители, општински власти, претставници на бизниси и граѓански организации.

3.4. Проценка на потенцијалните влијанија

  • Социјални и економски влијанија од прогласувањето на заштитеното подрачје.
  • Идентификација на ранливи групи и можни ризици за нивната егзистенција.
  • Проценка на институционалниот капацитет за управување со заштитеното подрачје.

3.5. Препораки

  • Предлог мерки за максимизирање на позитивните и минимизирање на негативните влијанија.
  • Предлози за унапредување на локалниот развој и зајакнување на институционалната соработка.

4. Испорака на задачата

Консултантот/компанијата ќе ги достави следните материјали:

  1. Иницијален извештај – методологија, план на работа и план за комуникација со засегнатите страни (во рок од 10 дена по потпишување на договорот)
  2. Нацрт социо-економска анализа – со вклучени наоди, проценки и препораки
  3. Извештај од консултации со засегнатите страни – документиран процес и главни резултати
  4. Конечна верзија на анализа – ревидирана по добиени коментари
  5. Презентација на наодите – пред локални засегнати страни и релевантни институции

5. Временска рамка

Ангажманот треба да се реализира најдоцна до 1 септември 2025 година.

Потребна е обнова на земјиштето- Меѓународен ден против опустинување

Потребна е обнова на земјиштето- Меѓународен ден против опустинување

Денес, 17 јуни е меѓународен ден против опустинувањето и годинава темата е обнова на земјиштето кое е основа и предуслов за производството на храна на земјата.

Секоја година, 1 милион км2 се уништуваат на различен начин. Како резултат губиме драгоцено земјиште кое е неопходно за живот. Во Македонија трендот за производство на електрична енергија од обновливи извори придонесува кон загубата на земјиштето, кога фотоволтаичните централи се поставуваат на плодно, земјоделско земјиште со висок квалитет.

Затоа, Еко-свест во соработка со Македонската академија на науки и уметности и The Nature Conservancy работеа на истражување и подготвија карта со најповолни локации за фотоволтаични централи на деградирано земјиште.

Еден од основните принципи за декарбонизацијата на енергетскиот сектор и производството на енергија од обновливите извори мора да е заштитата на земјиштето. Во нашата земја има доволно деградирано земјиште од индустриски активности и рударство кои се одличен кандидат за пренамена во простори кои ќе овозможат производство на енергија притоа, зачувувајќи го плодното земјоделско земјиште.

Потребно е да се поттикне заштита на земјоделското земјиште кое ќе биде усогласено со развивањето на проекти за обновливи извори на енергија.

Сопствениците на земјиште, земјоделците и општинските претставници, треба да бидат едуцирани за придобивките и влијанието кое обновливите извори го имаат врз земјоделието, но потребно е да имаат и пристап до ресурси кои ќе им помогнат да ги интегрираат најдобрите практики за ублажување на влијанијата од процесот на енергетското планирање и зонирање врз земјоделските површини. Во процесот на планирање и донесување на одлуки, приоритетот треба да биде кон зачувување на квалитетно и плодно земјоделско земјиште.

Затоа, препораката кон надлежните институции е да се даде приоритет на деградираното земјиште за развивање на енергетски прроекти. Кога се идентификуваат најсоодветните локации за развој на нови енергетски проекти од обновливи извори, првенствено треба да се разгледаат можностите за деградираното земјиште. Присуството на отрови во почвата, близината до локалното население и други ограничувачки фактори треба да бидат разгледани пред да се направи избор на локацијата. Но, дотолку е важно да се работи на ремедијација и отстранување на токсичните материи, а потоа на истите места да се постават енергетски инсталации. Со тоа се отстранува негативното влијание од токсините и штетните материи, а локацијата сепак се користи за јавна придобивка.

Дополнителни информации

Прочитајте повеќе за Еко Енергетско Планирање.

Учиме да компостираме- работилници за млади

Учиме да компостираме- работилници за млади

Среќни сме што токму светскиот ден за заштита на животната средина, Еко свест го одбележа заедно со средношколците од ПСУ Алгоритам – Скопје и тоа на тема компостирање – лесен излез кон помалку отпад.

Во време кога сѐ уште нема развиено функционален државен систем на селектирање и рециклирање на отпад, тоа што останува во моментов е пронаоѓање начин за индивидуални дејствија кон намалување на штетните влијанија од отпадот кој секојдневно секое домаќинство неминовно го произведува.

Сепак, како индивидуи можеме да имаме целосна контрола над обработката на биоотпадот.

Препознавајќки го истото како важно, Еко свест на 5 јуни одржа две работилници за компостирање во домашни услови. Учениците од ПСУ Алгоритам – Скопје имаа можност да се запознаат со основите на поимот компостирање но и практично научија како биоотпадот на наједноставен начин можат да го вратат во природата.  

Граѓанските организации бараат итна акција за повторно прогласување и заштита на Националниот парк Маврово

Граѓанските организации бараат итна акција за повторно прогласување и заштита на Националниот парк Маврово

Скопје, 5 јуни 2025 година – Над 15 граѓански организации и иницијативи заедно поднесоа формална претставка до Владата на Република Северна Македонија, барајќи итна акција за репрогласување и заштита на Националниот парк Маврово во согласност со законските одредби. Претставката, упатена до премиерот Христијан Мицкоски, истакнува значителни прекршувања на Законот за заштита на природата што како резултат го загрозуваат еколошкиот интегритет и одржливиот развој на паркот.

Организациите изразуваат длабока загриженост поради долготрајниот процес на трансформирање на Националниот парк Маврово според постојното законодавство и меѓународните стандарди. Тие тврдат дека сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој.

Претставката, меѓу другото, наведува неколку клучни прашања:

  • Законот за репрогласување на НП Маврово не е донесен.
  • Не е донесен План за управување со НП Маврово.
  • Пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но не се санкционирани.
  • Приближно 80% од финансирањето на Јавната установа Национален парк Маврово доаѓа од сеча, неодржлива практика спротивна на намената на заштитеното подрачје.
  • Забележан е пад на популациите на заштитените животински видови во паркот.

Организациите нагласуваат дека потенцијалните донатори се подготвени да го финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување по усвојувањето на План за управување. Отсуството на таков план спречува финансиска поддршка и одржливо управување со ресурсите, загрозувајќи го еден од најстарите паркови во Европа.

Во претставката, исто така, се наведува дека Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на Националниот парк Маврово, а непочитувањето на овие препораки претставува кршење на меѓународното право.

Организациите ја повикуваат Владата на Република Северна Македонија да преземе итни чекори за исполнување на одредбите од Законот за заштита на природата, вклучително и објавување на нацрт-законот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово, организирање јавна расправа за Законот и негово усвојување.

Контакт:

Ана Чоловиќ Лешоска

[email protected]

Следните организации ја поддржаа оваа претставка:

  • Центар за истражување и информации за животната средина Еко-свест
  • Македонско еколошко друштво (МЕД)
  • Новинари за човекови права
  • Здружение за важноста на еколошкото образование во модернизацијата на образовниот процес ЗЕОООП
  • Здружение за заштита и подобрување на животната средина Еко Логик
  • Рурална коалиција
  • Здружение за зелено општество – позелено
  • Центар за еколошки ресурси (РЕЦ) – Северна Македонија
  • Еко Герила – Тетово
  • Здружение на граѓани Ековита Неготино
  • Здружение за заштита на животната средина, културни, историски знаменитости и здравје на луѓето ИЗВОР Кратово
  • НВО Ергос
  • Граѓанска иницијатива Охрид СОС
  • Македонско здружение на млади правници
  • Центар за климатски промени
  • Здружение за застапување, имплементација и поддршка на решенија што подобро ќе ги поврзат луѓето со природата НАТУРА МК Скопје
  • Истражувачко друштво Урсус спелеос Скопје
  • „Гоу Грин“- Скопје- Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина