Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за вработување на координатор за односи со јавност.
Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.
Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.
Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:
– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;
– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;
– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;
– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;
– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;
– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;
– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;
– Спроведување на посебни активности во областите на:
заштита на климата
заштита на природата
заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
одржлив развој на локалните заедници
одржлив транспорт
одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
Во согласност со стратешките приоритети, Еко-свест има потреба од ангажирање на Координатор за односи со јавноста кој ќе работи заедно со програмските тимови на комуникација поврзана со теми од областите на делување на организацијата.
Ангажираниот Координатор за односи со јавност ќе ги има следните работни задачи:
Развивање и спроведување на комуникациски план и јавни кампањи
Одржување комуникација со медиумите (подготовка и испраќање на соопштенија за медиуми, комуникација со новинари, организирање прес конференции, брифинзи и сл.)
Креирање и објавување содржин на веб страниците и на социјалните мрежи на организацијата (видео, фото, текст)
Осмислување на визуелни идентитети за кампањите и комуникацијата на Еко-свест,
Соработка со сите организации и институции кои работат на комуницирање на пораките на Еко-свест преку своите активности (културни организации, артисти, уметници, фестивали, дигитални креатори, агенции за комуникации, дизајнери и сл)
Организирање на јавни настани
Поддршка за развиврање на електронските платофрми, вклучително и едукативната платформа на Еко-свест,
Тесна соработка со останатите вработени во организацијата
Одржување врски со релевантните национални и меѓународни чинители и членството;
Извршување на работните задачи во согласност со политиките на Еко-свест.
Квалификации и искуство
Кандидатот треба да има завршено високо образование (пожелно во доменот на комуникации).
Да има минимум 3 години работно искуство во работа со односи со јавност, развој и спроведување на комуникациски планови и кампањи.
Претходно искуство во работа со медиуми и ПР агенции, како и организирање настани, работа со веб страници и социјални мрежи ќе се оценат високо.
Потребно е да има одлични организаторски способности, способност за тимска работа и работа со крајни рокови.
Познавање на Англиски јазик е задолжително, како и работа на компјутер.
Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:
отворена комуникација (усна и писмена) и презентација;
брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
тимска работа во мултикултурно опкружување;
извршување повеќе задачи истовремено;
уредност и организираност.
Работни услови:
Неделното работно време е 40 часа (од 8 до 16 или 9 до 17 часот). Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со период од 1 (еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 40 000 и 80 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.
Почеток на работен однос од 1 октомври 2025 е пожелно.
Начин на пријавување:
Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:
Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
Професионална биографија;
Професионална препорака/референца е пожелна.
Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Координатор за односи со јавност.
Пријавувањето е отворено од 09.09.2025 до 25.09.2025.
Скопје, 2 септември 2025 – Препознавајќи ја потребата за ефективно надминување на еколошките проблеми со кои се соочуваме, Еко-свест стави во функција „Зелен телефон“.
Овој сервис е достапен од средината на август – тоа е алатка за советување, насочување и правна поддршка на граѓаните кои се подготвени за акција. Преку Зелениот телефон граѓаните информираат за различни еколошки проблеми и дознаваат како може да се решат.
На кој број граѓаните може да пријават проблем?
Бројот на Зелениот телефон е 071-600-333.
Веднаш по пријавувањето, следи анализа на проблемот од страна на нашиот правен тим. Тој дава совети на граѓаните во врска со постапката за решавање, или самостојно доставува пријава/барање до надлежните институции. Преку Зелениот телефон може да се пријават прашања или проблеми од областа на урбаното живеење, отпадот, енергијата, воздухот, загадувањето на води, природата и слично.
„Добиваме пријави од цела Македонија во различни категории, како на пример загадување на водите, воздухот и проблеми со отпадот. Многу од граѓаните веќе самостојно презеле чекори за решавање на проблемите, но бараат и совет како да продолжат понатаму и која би била следната инстанца, доколку не успеале во нивните првични напори.
Само за две недели, на Зелениот телефон пристигнаа повеќе од 30 пријави од кои 17 се уредно поднесени од страна на граѓаните и се во постапка на решавање. Од сите пријави, пет се веќе решени. Најголем дел од пријавите се за отпад и нелегални депонии на територијата на целата држава. Загадување на водите и уништување на природата се на второ место.“ изјави Милијана Богданоска, еколошки правник во Еко-свест.
Целта на Еко-свест преку „Зелениот телефон“ е да развие континуиран однос на соработка и доверба помеѓу граѓаните и органите надлежни за решавање на еколошките проблеми. Истовремено ја подигнува и јавната свест за важноста од личен ангажман на граѓаните во откривањето и во пријавувањето, а со тоа и надминувањето на еколошките проблеми.
Соларни панели наспроти фосилни горива: Каде стои македонската индустрија?
Нашето истражување покажува дека фотоволтаиците се најкористен извор на енергија кај испитаните компании, но нафтените деривати сè уште се во значајна употреба. Плановите за воведување нови нискојаглеродни технологии се скромни. Ова ја истакнува потребата за поширока диверзификација, но и поддршка за компаниите да тргнат во правата насока.
На добар пат!
Одлично е што повеќето македонски компании (81.8%) веќе редовно ја следат и анализираат својата потрошувачка на енергија.
Познавањето на состојбите во сопствениот енергетски систем дава можности за негово унапредување и заштеди кои за бизнисите значат многу! Тоа е првиот чекор за преземање мерки за енергетска ефиксност.
Само една третина од компаниите произведуваат сопствена енергија.
Истражувањето покажува дека 63.6% од компаниите немаат сопствено производство на енергија. Сепак, 36.4% веќе инвестирале во обновливи извори, најчесто фотоволтаици, покажувајќи го големиот потенцијал за енергетска независност.
Водород: Енергија на иднината?
Иако повеќето компании (55.5%) не се запознаени со националните планови за користење на водородот како енергенс, дури 63.6% од испитаниците сметаат дека водородот е компатибилен со нивните потреби.
Ова сугерира дека постои јаз во комуникацијата и голем потенцијал за искористување на оваа технологија.
Затоа, важно е институциите да спроведат широки консултации и да креираат реална стратегија за искористување на водородот која ќе даде приоритет на неговото локално производство.
Кои се најголемите пречки за енергетска ефикасност?
Според компаниите, најголеми пречки се неизвесноста на пазарот, високите инвестициски трошоци и сложените регулаторни процедури. Овие наоди ја истакнуваат потребата од појасни политики и поголема државна поддршка за да се забрза транзицијата.
Една од главните причини зошто компаниите не би користеле фосилен гас во нивниот систем е токму непредвидливите цени. Приоритет мора да се даде на сопственото производство на енергија и примена на мерки за заштеда со што ќе се зајакне целиот сектор.
Истражувавме како институциите ги поддржуваат граѓаните да заштедат енергија.
Се доделуваат средства за топлински пумпи на принципот воздух-воздух, приклучок за гас и субвенции за цената на потрошен гас.
Општина Куманово субвенционира само приклучок кон гасната мрежа. Минатата година има огромен пад на интересот за гасен приклучок и покрај зголкемената сума од 15000 на 25000 денари.
Општина Струмица поддржала гасен приклучок за 1 домаќинство во 2024 година. Но, одвоила од буџетот 17000 евра за поддршка на околу 60 домаќинства за потрошувачка на гас.
Град Скопје секоја година објавува оглас за поддршка на домаќинства за набавка на инвертер клими со услов печките на фосилни горива да се отстранат од употреба.
И Општина Куманово го прави истото со тоа што доделува поддршка од 20 000 денари, а во 2025 година поддржала дури 102 домаќинства.
Министерството за енергетика е шампион во поддршката за енергетска ефикасност со над 2,4 милиони евра за ранлива категорија на домаќинства кои набавиле и инсталирале високоефикасен климе инвертер. Истовремено, Министерството поддржува и ранливи категории на домаќинства со финансиска поддршка за дел од сметката за електрична енергија, во износ од 1000 денари по домаќинство.
Да ги разгледаме алтернативите за загревање на домаќинставата- топлински пумпи наспроти природен гас.
Карактеристики на топлински пумпи воздух-воздух
Висока енергетска ефикасност: Топлинските пумпи можат да бидат 3-5 пати поефикасни од традиционалните котли на гас. Ова значи дека трошат помалку енергија за да произведат иста количина на топлина, што резултира со пониски сметки за енергија.
Помали сметки за енергија: Зголемената ефикасност доведува до помала потрошувачка на електрична енергија, што резултира со значителни заштеди на трошоците за греење.
Пониски трошоци: Во комбинација со обновливи извори на енергија како што се соларните панели, оперативните трошоци може дополнително да се намалат.
Еколошки придобивки: Топлинските пумпи ја намалуваат зависноста од фосилни горива, придонесувајќи за помал јаглероден отпечаток и намалување на емисиите на стакленички гасови.
Предизвици од користењето на фосилен гас
Флуктуации на цените: Цените на гасот се предмет на флуктуации поради глобалните настани, што потенцијално може да доведе до непредвидливи трошоци за греење.
Ограничувања на ефикасноста: Иако котлите на гас се чест метод за греење, тие се помалку ефикасни од топлинските пумпи, што значи дека трошат повеќе енергија за да генерираат иста количина на топлина.
Еколошки проблеми: Природниот гас е фосилно гориво, а неговото согорување придонесува за емисии на стакленички гасови и климатски промени. Истивремено, гасот негативно влијае и врз здравјето на луѓето.
Трошоци за инсталација: Додека трошоците за инсталација на котел на гас можат да бидат пониски од оние за топлински пумпи, иницијалните трошоци за приклучување на инсталацијата и тековните оперативни трошоци често ја поништуваат оваа првична предност.
Заклучок
За мало домаќинство во Македонија, топлинските пумпи воздух-воздух претставуваат поекономично и еколошки поприфатливо решение за греење во споредба со природниот гас. Иако првичната инвестиција може да биде повисока, долгорочните оперативни заштеди и еколошките придобивки ги прават топлинските пумпи исплатлив избор, особено за оние кои сакаат да ја намалат својата потрошувачка на енергија и јзагадувањето.
Препорака
Со оглед на тоа што придобивките од системите кои се енергетски ефикасни, како што се инвертер климите се значително поголеми од оние на фосилните горива, институциите треба исклучиво да поддржуваат мерки за енергетска ефикасност. Воедно, треба да се разгледа можноста Фондот за енергетска ефикасност да ги преземе и централно да ги администрира сите субвенции за домаќинства, наместо тоа да го прават општините и Министерството, за да се обезбеди еднаков пристап и можности за сите граѓани во државата.
За поддршка на кампањите на Еко-свест преку уметничко изразување и креација
За потребите на своите проекти и кампањи во доменот на заштитата на водите, природата и животната средина, Еко-свест објавува повик за сите заинтересирани уметници кои сакаат да соработуваат со нас и да креираат содржини инспирирани од нашата работа.
Повикот е отворен за индивидуални и правни лица- здруженија од областа на културата и уметноста.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА Целта на активноста е да се оствари соработка со заинтересирани уметници за: 1. Развој и креирање на уметнички дела инспирирани од работата на Еко-свест кои јасно ги комуницираат пораките на организацијата содржани во нејзината мисија и визија како и во конкретните тематски области во кои работи. Делата не се ограничени на било кој медиум и се остава слобода на уметниците сами да ги предложат. Во процесот на креирање се поттикнува користење на материјали кои се рециклираат или реупотребуваат.
2. Осмислување и продукција на конкретни комуникациски алатки (сликовници, стрипови, прирачници, боенки, анимации, видеа и сл) со содржина инспирирана од работата на Еко-свест, адаптирана на конкретни целни групи,
3. Поддршка на кампањите на Еко-свест преку креирање на содржини и реализирање активности кои инволвираат уметници, како организирање на настани за таа цел, и
4. Други горенеспоменати начини на ангажирање на уметниците, артистите и дигиталните креатори кои можат да ги зајакнат и рашират пораките на Еко-свест.
ЗАДАЧИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ :
Избраните уметници ќе бидат ангажирани од Еко-свест за поддршка на конкретни кампањи и активности, при што ќе бидат дефинирани типот на активности согласно приложената понуда од страна на кандидатите.
Од уметниците се очекува да спроведат една или повеќе од наведените активности:
Креирање на уметнички содржини и дела
Инволвирање на други уметници во процеси на креација и изработка на продукти
Создавање на комуникациски производи
Изложување на уметничките дела/содржини
Промоција на креираните содржини преку постоечки платформи и настани
Учество на настани на Еко-свест каде е тоа соодветно и во насока на исполнување на целите на ангажманот.
ВРЕМЕНСКА РАМКА Периодот за спроведување на активностите изнесува најмалку 2 години од изборот на кандидатите.
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ При аплицирањето заинтересираните кандидати треба да достават : 1. Кратка биографија на уметникот/здружението и портфолио со претходно искуство
2. Предлог концепт за комуникација на пораките на Еко-свест со опис на предложената порака/и, избран медиум, метод на работа/процес, предлог план за спроведување и динамика и сл.
3. Финансиска понуда со преглед на ставки и трошоци во бруто износ 4. Пополнета изјава за физички лица (Анекс 3) и за правни лица (Анекс 2).
Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест. Од избраниот понудувач- правно лице, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024 (за правни лица); потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериуме за учество (правно лице); биографии (CV); листа на референци/портфолио и сл.
КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ Кандидатите кои аплицираат мора да ги исполнат следниве критериуми:
Фокус на темите поврзани со заштита на животната средина во својата работа
Претходни изложби, учество на фестивали и сл.
ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија го задржува правото да го извести само оние понудувачи чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
1. Претходно искуство во спроведување на слични активности (30 бодови)
2. Предложен концепт (40 бодови)
3. Понудена цена за активноста (30 бодови)
Вкупно 100 бодови. Договор ќе биде склучен со оние кандидати кои освоиле најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.
На овој повик може да бидат избрани повеќе кандидати.
ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ
Пријавувањето е тковно!
Комплетната понуда, апликатите треба да ја испратат на е маил: [email protected] со назнака Апликација за уметници. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Некомплетни понуди нема да бидат земени во предвид.
Еко-свест ќе ги контактира избраните кандидати, во рок од 14 дена од приемот на понудата.
Најнови коментари