Дали некогаш сте помислиле дека поставување соларни панели на покривот од вашата куќа е луксуз што чини повеќе отколку плаќањето сметки за греење со јаглен или гас? Овој став е сè уште широко распространет во земјите од Западен Балкан. Но, во време кога цените на енергијата се сè понестабилни, а последиците од климатските промени сè поочигледни, преминот кон обновливи извори на енергија не е само еколошка потреба – туку и паметна економска одлука, и за домаќинствата и за државите.
Иако цените на електричната енергија во земјите од Западен Балкан сè уште се меѓу најниските во Европа, повеќе фактори укажуваат дека тие ќе растат во иднина. Зависноста од јаглен, застарените термоелектрани и потребата од усогласување со европските климатски политики значат дека се неизбежни нови трошоци. Воведувањето на даноци на јаглерод, како дел од европскиот механизам за тргување со емисии, ќе ја направи струјата произведена од јаглен уште поскапа.
Но термоелектраните не се само економски товар. Тие претставуваат сериозна закана за јавното здравје, не само во регионот, туку и пошироко во Европа. Загадувањето од согорување на јаглен е поврзано со илјадници предвремени смртни случаи и со појава на хронични заболувања, особено кај децата, постарите лица и другите ранливи групи. Се проценува дека трошоците за здравствена заштита поврзани со загадувањето од термоелектраните во Западен Балкан изнесуваат меѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно – трошок што индиректно го плаќа секој граѓанин.
Во тој контекст, прашањето не е дали обновливата енергија е скапа, туку дали можеме да си дозволиме да продолжиме со старите модели. Цените на топлинската и електричната енергија од обновливи извори стануваат сè поконкурентни. Соларната и ветерната енергија денес се меѓу најевтините извори на ново производство на струја, а технологиите за греење како топлинските пумпи сè повеќе се исплатливи и за домаќинствата во регионот. Граѓаните веќе имаат конкретни можности да го намалат својот енергетски трошок и истовремено да придонесат за енергетската транзиција. Преку програми за субвенции, домаќинствата можат да добијат значителна финансиска поддршка за инсталирање соларни панели, соларни колектори или топлински пумпи. Во Србија, на пример, државата покрива и до 65% од трошоците за вакви инвестиции. Дополнително, моделот на „просумери“ овозможува граѓаните не само да произведуваат струја за сопствени потреби, туку и да го продаваат вишокот, со што директно ги намалуваат сметките.
Сепак, енергетската транзиција не е само техничко или финансиско прашање – таа е и длабока општествена промена. Чест страв е дека декарбонизацијата значи губење на работни места, особено во земји како Македонија, каде што јагленот долго време бил столб на енергетскиот систем. Но овој страв не се темели на факти. Македонија има амбициозна цел – нула емисии на стакленички гасови до 2050 година и позиционирање како регионален лидер во обновливата енергија. Тоа подразбира постепено затворање на термоелектраните и вложување во соларни и ветерни капацитети. Но транзицијата не значи зголемување на невработеноста. Напротив, таа отвора можности за задржување на дел од постоечките работни места и создавање нови, „зелени“ работни места во енергетиката, градежништвото, индустријата и услугите. Во наредната деценија се очекуваат инвестиции од над 1 милијарда евра во секторот за обновлива енергија во Македонија. Тоа значи нови работни места за инженери, техничари, инсталатери, проектни менаџери, но и за лица со средно стручно образование. Младите можат да ја поддржат оваа транзиција преку избор на студии поврзани со зелена енергија, како и преку краткорочни курсеви и сертификации за соларни панели, енергетска ефикасност или одржување на ветерни турбини.
Паралелно со обновливите извори, енергетската ефикасност игра клучна улога. Таа значи постигнување исти или подобри услови за живот со помала потрошувачка на енергија. Придобивките се повеќекратни: помали сметки, помал увоз на енергија и помали емисии на стакленички гасови. Примерот на Косово јасно ја покажува важноста на енергетската ефикасност. Земјата и понатаму зависи од две застарени термоелектрани на лигнит кои произведуваат над 90% од струјата. Во комбинација со слаба изолација и широка употреба на струја за греење, ова ја прави економијата една од најенергетски интензивните во Европа. Само за сметки за енергија на јавните објекти, државата троши над 22 милиони евра годишно – трошок што би можел да се намали за 30% со едноставни мерки за енергетска ефикасност.
И на крај, често се поставува прашањето дали обновливата енергија е доволно сигурна за модерни, високоразвиени економии. Фактите зборуваат јасно. Во 2024 година, обновливите извори учествуваа со повеќе од 30% во светското производство на електрична енергија, а во ЕУ тој удел достигна речиси 47%. Земји како Данска веќе произведуваат околу 90% од својата електрична енергија од обновливи извори, додека Германија е цврсто на пат кон климатска неутралност.
Западен Балкан располага со значителен потенцијал – со околу 250 сончеви денови годишно и поволни услови за ветерна енергија. Проекциите до 2030 година покажуваат дека Северна Македонија може да достигне 58% обновливи извори во електроенергетскиот микс. Обновливата енергија не е мит, ниту луксуз. Таа е реална, достапна и неопходна. Прашањето не е дали можеме да си ја дозволиме, туку дали можеме да си дозволиме да не ја прифатиме.
12 декември 2025 година- Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција кој заседава секоја година во декември во Стразбур, го разгледуваше случајот за националниот парк Маврово и изградбата на хидроцентрали на неговата територија и заклучи дека нема виден напредок со спроведување на препораките.
Случајот за Маврово беше отворен во 2014 година и оттогаш Бернската конвенција будно го следи напредокот на Македонија во однос на исполнување на дадените препораки за разрешување на овој случај.
Оваа година беше заклучено дека:
Измените на законот за води не се донесени
Нов Закон за природа не е донесен
Националниот парк Маврово не е репрогласен
Сите концесии за хидроцентрали во Маврово не се откажани
„Поради слабиот напредок, Комитетот ја изрази својата загриженост и усвои одлука да спроведе теренска посета во Македонија во текот на 2026 година, со цел да помогне во откочување на процесите и постигнување на задоволителен напредок. Очигледно е дека и по 11 години од отворањето на случајот, нема доволен интерес за негово разрешување преку примена на сите дадени препораки“ изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, подносителот на случајот во Бернската конвенција.
Од голема важност за успешно затворање на случајот е донесување на законот за води и нов закон за природа, прогласување на Маврово согласно меѓународните стандарди, донесување на национален акциски план за Балканскиот рис и обезбедување на државни финансии за заштитените подрачја. Како главна препорака останува забраната за изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја која мора итно законски да се воспостави и практично да се спроведе.
Заедниците од регионите зависни од јаглен треба да го водат процесот на праведната енергетска транзиција во државата, а за да можат да го прават ова тие треба да бидат добро информирани, властите треба да имаат јасна комуникација за целите и плановите, а партнерскиот однос помеѓу сите засегнати чинители загарантиран.
Ова беа заклучоците од вчерашниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), кој се одржа во Скопје во организација на МКЦ Битола и Еко-свест. На настанот учествуваа претставници од релевантните министерства, од локалните економско-социјални совети, општини, синдикати, работодавачи, академската заедница и граѓански организации, со цел да се унапреди дијалогот за улогата на ЛЕСС во процесот на праведната енергетска транзиција.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја потврди силната определба на Министерството да работи транспарентно, инклузивно и во партнерство со сите засегнати страни во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент. Не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени.“ изјави министерката Божиновска.
Претставниците од локалната самоуправа го потврдија значењето на дијалогот. Генералниот секретар на општина Битола Борче Димитровски истакна дека темата за праведна транзиција „не е иднина, туку сегашност“, посочувајќи ја специфичната улога на Општина Битола поради РЕК Битола. Тој ја нагласи потребата од инклузивен дијалог и конкретни чекори за успешно спроведување на енергетската транзиција, но и потребата од целосна децентрализација, особено во фискалниот дел за да можат општините да земат поактивна улога во енергетската транзиција.
Претставникот на Фондацијата „Олоф Палме“, Левенд Бичаку, ја истакна важноста на ЛЕСС како механизам за дијалог помеѓу работодавачите и работниците, нагласувајќи дека политичката волја е неопходен предуслов за успех.
Елена Николовска од Еко-свест се осврна на потребата од воспоставувањето и одржувањето на ЛЕССовите во општините како форум на заедницата кој ќе земе поактивно учество во носењето на локалните и централните политики.
За потребите на своите проекти во доменот на заштитата на природата, Еко-свест има потреба од ангажирање на компанија за спроведување на анкета со репрезентативен примерок на ниво на целата држава и на регионално ниво со опфат на планината Јабланица и нејзината околина.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Целта на активноста е спроведување на репрезентативна анкета на ниво на целата држава и на нивото на планината Јабланица и нејзината околина за истражување на ставовите на граѓаните за волците.
Анкетата има за цел да обезбеди податоци кои ќе послужат како основа за понатамошна анализа, препораки и активности за заштита на природата, биодиверзитетот и крупните месојади како и за зголемено граѓанско учество.
ЗАДАЧИ НА ИЗБРАНАТА КОМПАНИЈА
Подготовка и планирање
Целосно запознавање со целта и протоколите на проектот;
Преглед и усогласување на учесниците, методологија за анкета и регрутација на учесници;
Разработка на интерен временски план.
Спроведување на репрезентативна анкета
Организација и реализација на анкета врз репрезентативен примерок од населението во Македонија;
Дополнителен фокус на регионот околу планината Јабланица;
Консултации со тимот на Еко-свест за методологијата и формулирањето на прашалникот;
Сегментирање по демографски и социо-економски критериуми;
Анализа и презентација на резултатите.
Доставување необработени податоци
Доставување на Excel документ со сите влезни податоци од анкетата.
Крајна достава
Доставување на финален извештај од репрезентативната анкета на ниво на целата држава и регионот на Јабланица, кој ќе содржи методологија, обработени резултати и заклучоци, најдоцна до 31.01.2026 година;
Извештајот треба да биде подготвен на македонски јазик и доставен во електронска форма.
ВРЕМЕНСКА РАМКА
Репрезентативната анкета на ниво на целата држава и регионот околу планината Јабланица треба да се реализира во периодот од декември 2025 до јануари 2026 година, со предавање на финален извештај најдоцна до 31 јануари 2026 година.
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Заинтересираните компании треба да достават:
Краток опис на компанијата, портфолио со претходно искуство и краток план за спроведување на активностите (не повеќе од 1 страна);
Тековна состојба не постара од 6 месеци;
Финансиска понуда;
Пополнета изјава (Анекс 1)
Од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024 (за правни лица); pотврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериуме за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.
КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Компанијата мора да ги исполнува следниве критериуми:
Активна компанија, здружение или фондација формирано/а согласно Законите во С. Македонија, и постои најмалку 3 години;
Претходно искуство во подготовка, реализација и обработка на анкети на репрезентативен примерок.
ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
Претходно искуство во спроведување на слични активности – 70 бодови
Понудена цена за активноста – 30 бодови
Вкупно: 100 бодови. Договор ќе биде склучен со компанијата која освои најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.
ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ
Комплетната понуда, апликатите треба да ја испратат на е-маил: [email protected] најдоцна до 16 декември 2025 година до 16:00 часот, со назнака Пријава за анкета.
Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.
Еко-свест ќе го контактира избраниот понудувач, не подоцна од 7 дена од истекот на периодот за доставување на понуда.
Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест“ поднесе Приговор до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), барајќи поништување на дозволите за користење на вода за малите хидроелектрани (МХЕ) „Баров Дол“ и „Папрад“ на реката Дошница.
По добивањето и деталната анализа на спорните дозволи, „Еко свест“ утврди повеќе суштински и процедурални прекршувања на Законот за водите, Законот за животната средина и Законот за општа управна постапка. Овие прекршувања ја доведуваат во прашање не само законитоста на актите, туку и заштитата на уникатниот речен екосистем.
Анализата на дозволите покажа серија сериозни прекршувања на законите и пропусти во постапката, меѓу кои:
Процедурални прекршувања и спречување на јавноста
Пробиени рокови: Барањата за дозволи од инвеститорот биле поднесени со задоцнување од осум месеци, спротивно на Одлука на Владата.
Спречување на јавноста: МЖСПП не ги објавило барањата на својата веб-страница и доцнело со објавата во весници цели шест месеци. Со ова е прекршено правото на јавноста активно да учествува во донесувањето на одлуки поврзани со животната средина, согласно Законот за водите и Архуската Конвенција.
Задоцнета одлука: Дозволите се издадени дури една година по поднесувањето на барањата, наместо во законскиот рок од три месеци.
Загрозување на биодиверзитетот
Најголемиот проблем е што дозволите се базираат на несоодветни Елаборати за животна средина кои целосно ги игнорираат природните вредности на реката Дошница.
Во реката живеат строго заштитени и ендемични видови (како балкански ендемични пролетници и рибите Salmo macedonicus и Barbus balcanicus), што ја прави регион со потенцијал за заштита (Натура 2000 подрачје).
Планираниот 10% биолошки минимум на вода, кој треба да тече низводно, е недоволен и ќе предизвика деградирање на еколошкиот статус на реката.
Поради сите овие прекршувања, „Еко свест“ смета дека издадените дозволи за вода се ништовни, а со тоа е невалиден и Договорот за концесија.
Нашето барање до МЖСПП е јасно: Во рок од 15 дена да ги прогласи дозволите за ништовни и да предложи до Владата поништување на Договорот за концесија, со цел трајна заштита на реката Дошница од непоправливо уништување.
Најнови коментари